Нова фасада и реконструкција покривот на градинката „13 Ноември“

21

Во завршна фаза е поставувањето енергетски ефикасна фасада во должина од околу 1.500 квадратни метри и реконструкција на целиот покрив, информира градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, кој изврши увид во градежните активности во градинката „13 Ноември“, објект „Јасмин“ до полициската станица „Беко“.

– Девеесет отсто од градежните зафати на површината на покривот на градинката, објектот „Јасмин“ се веќе готови. Станува збор за реконструкција на целата покривна површина. Истовремено работиме и на поставување енергетски ефикасна фасада. Во моментов е поставена изолација и подлога и се работи на поставување на топлотна изолација на фасада за зголемување на енергетската ефикасност. По завршување на фасадата останува уште да се изработат завршните работи и опшивки на покривот – изјави Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека претходно, во градинката се реконструирани сите тоалети.

– Целта на Општина Центар е да обезбеди квалитетен престој и функционални детски градинки. Со целосна реконструкција на фасадата и покривот на градинката, Општина Центар решава уште еден голем проблем и истовремено обезбедува уште подобри услови за престој на децата- се вели во соопштението од локалната самоуправа.