“Во суштина, реновирање на станот е и мое ментално реновирање. Зборувам за стравот кој почна уште од детството и трае до сега, а преку оваа изложба го демистифицирам тој страв. Ова како концепт ќе продолжи бидејќи се јавуваат нови стравови, нови ситуации кои ги преживуваме и мора да ги решаваме. Можеби понатаму ќе дојдат и до 33 скулптури…“, вели за весникот “Вечер“ Ненад Тонкин чија изложба со 13 скулптури до 15 јуни ќе биде отворена во галеријата Ко-ра

“Збунети и млади тие се најновите членови во друштвото на Малите суштества. Толку се збунети што не знаат зошто се тука и што е работата околу сево ова. Прилично сплеткани, помалку смотани едвај трепкаат со своите ококорени очи трудејќи се да го разберат светот…“. Вака авторот Ненад Тонкин ќе запише за малите суштества кои се дел од неговата најнова изложба „Малите суштества од станот што се реновира“, која јавноста може да ја види до 15 јуни во галеријата Ко-ра во Скопје. Љубителите на уметноста претходно во Младинскиот културен центар имаше можност да ја проследи и неговата изложба “Малите суштества од Карантина“.

“Претходната изложба беше едно мое видување како живееме во карантин. Ова е сосема различен ликовен проект започнат уште во април 2015 и почна како идеја кога се реновираше нашиот стан. Таму се појавија многу материјали кои јас подоцна ги искористив за да направам скулптури. Дел од нив веќе беа изложувани во 2016 и 2017 пред јавноста, но ова е пообемна изложба со 13 скулптури.  Во суштина реновирање на станот е и мое ментално реновирање. Зборувам за стравот кој почнува уште од детството и трае до сега и преку оваа изложба го демистифицирам тој страв. Ова како концепт ќе продолжи бидејќи се јавуваат нови стравови, нови ситуации кои ги преживуваме и мора да ги решаваме. Можеби понатаму ќе дојдат и до 33 скулптури…“, вели за весникот “Вечер“ Ненад Тонкин, додавајќи дека иако изложбата се отвора во време на коронавирусот на отворањето имаше приличен број на посетители.

“Зачудувачки, публиката влегуваше со маски, разгледуваше и си заминуваше. Иако тенденциите одат кон онлајн претставување на уметноста, бидејќи технологијата е многу вметната во нашето живеење и ќе има сè поголем број на онлајн изложби, јас за оваа моја изложба инсистирав да биде со физичко присуство. Сакав посетителите да ги гледаат скулптурите и тоа ми е многу поважно отколку да ги видат само на фотографија или видео“, додава Тонкин.

А „малите суштества“ како “Илуми-Нада“, “Urgentus elektrikus”, “Светле“, “Жичко“, “Домаќинката“, “Бандата Џиш“…  се според авторот, ликови со посебен карактер и уникатни способности. Секој лик има своја сериозна улога и придонес во живоста на станот. Позади секој од нив стојат специфични приказни најчесто со комична содржина. Комична затоа што само на тој начин, вели авторот, стравот ја губи својата моќ, спласнува и е подносливо достапен…

Сите можни прашања пак и можните одговори единствено се наоѓаат само на едно место – во станот што се реновира, и како што вели авторот “Малите суштества се таму, секогаш. И чекаат!“

Ненад Тонкин е дипломиран вајар и сценограф на Факултет за ликовни уметности во Скопје и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет Св. Климент Охридски – Скопје. Од 2014 до сега има реализирано две самостојни ликовни изложби во Гевгелија и Кичево и повеќе групни во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма).

Како член на бендот Bei The Fish има реализирано четири студиски албуми и многу концерти низ Европа, а од 2013 издава своја авторска музика како Mammoth & Yashem, досега има објавено три кратки изданија… Од 2018 го започнува и ликовниот проект Визија Скопје кој вклучува повеќе ликовни уметници и студенти по ликовна уметност и архитектура. Визија Скопје има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје и пошироко. (Д.Т.)                              Фото: Ѕ.Плавевски