Нов сообраќаен режим околу ТЦ „Буњаковец“ и подигнати пешачки платоа во близина на основите училишта и градинките во општина Центар

32

Општина Центар од денеска започнува со имплементирање на нови сообраќајни решенија на повеќе локации во општината. Во тек е изведба на три издигнати пешачки платоа за смирување на сообраќајот кој се одвива во зона на детските градинки и општинските основни училишта.

– Трите издигнати пешачки платоа се изведуваат на улиците „Никола Тримпаре“, „Апостол Гусларот“ и улицата „9 Мај“, во непосредна близина на општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, матичниот објект на градинката „13 Ноември“ и клонот Наум Наумовски Борче на градинката „Кочо Рацин“, известуваат од Општина Центар.

Дополнително ќе бидат изведени и други шест пешачки платоа, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците и на децата кои престојуваат во градинките и посетуваат настава во основните училишта, а ќе биде поставена и нова вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација.

Овие зафати се изведуваат со целосна сообраќајна проектна документација, што е одобрена од СВР Скопје и Град Скопје, наделжни институции за оваа проблематика.

Од општината информираат дека  изведбата на пешачките платоа ќе биде готова до крајот на оваа година, а поради градежните зафати ќе се изврши и времена измена на сообраќајот.

„Апелираме до граѓаните за трпение и разбирање во период додека траат градежните работи, со цел ефикасност на изведбата и поскоро пуштање во употреба на издигнатите пешачки платоа“, истакнаа од Општина Центар.

Покрај ова, општината го најави и новото сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар „Буњаковец“. Поради оштетувањата на знаците, после десет години, во реонот на ТЦ „Буњаковец“ ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.