Нов Зеланд испрати авион во Тонга да ја процени штетата по вулканската ерупција

312

Нов Зеланд испрати авион во Тонга за да ја процени штетата откако огромната вулканска ерупција предизвика цунами.

Ерупцијата ги покри со пепел островите во Тихиот Океан, што доведе до прекин на електричната енергија и комуникациите, пренесе Би-Би-Си.

Може да бидат погодени околу 80.000 луѓе, соопшти Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC).

Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн изјави дека цунамито предизвикало значителна штета.

Засега нема пријавено загинати, но информациите се уште се оскудни, а Нов Зеланд и Австралија испраќаат авиони за да го проценат степенот на штетата.

Одбранбените сили на Нов Зеланд на Твитер објавија дека авионот отишол да помогне во првичната проценка на областа и долните острови. Кејти Гринвуд од IFRC во Фиџи рече дека е итно потребна помош.

„Се сомневаме дека до 80.000 луѓе низ Тонга би можеле да бидат погодени или од самата ерупција или од цунами и поплави како резултат на ерупцијата“, рече таа.

Вчера еруптираше подводен вулкан, кој испрати облак од пепел на небото и предизвика предупредувања за бранови од 1,2 метри кои ја погодија Тонга.

Ерупцијата била толку силна што можела да се слушне во Нов Зеланд, на околу 2.383 километри од Тонга.