НОБ со Гала оперски концерт и балетска премиера на „Болеро“ на Охридско лето

503
Фото: Александар Томовски

„Националната опера и балет учествувала на скоро сите досегашни изданија на фестивалот ‘Охридско лето’ со свои проекти. По неколкумесечна пауза, дел од оперските солисти, оркестарот и женскиот балетски ансамбл ќе настапат на оперски гала концерт и балетска премиера на ‘Болеро’ од Морис Равел. Програмата е специјално конципирана за да може да се изведе во овие специфични услови“, вели уметничката раководителка на Операта Бисера Чадловска. За Олга Панго, уметничка раководителка на Балетот, „Болеро“ е една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Евтимова. „Подготвивме нова премиера на Равеловото ‘Болеро’ кое е во согласност со препораките на Kомисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца…“

Фото: Александар Томовски

Со „Гала оперски концерт“ и балетска премиера на „Болеро“ од Равел во кореографија на Саша Евтимова и оваа година Националната опера и балет, и покрај пандемијата предизвикана од ковид-19, ќе биде дел од програмата на најреномираниот фестивал во нашата земја – „Охридско лето“ 2020. Публиката настанот ќе може да го проследи на 13 август, со почеток во 22 часот, на сцената Долни Сарај во Охрид.

Диригент на „Гала оперски концерт“ ќе биде Бисера Чадловска, а како солисти, покрај Оркестарот на Националната опера и балет, ќе настапат сопранистките Сандра Митровска и Катерина Стојановска, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и Владимир Саздовски, бас.

Како што истакна уметничката раководителка на Операта Бисера Чадловска, особено ја радува овогодинешното учество на Националната опера и балет на 60-тото јубилејно издание на „Охридско лето“.

„Националната опера и балет учествувала на скоро сите досегашни изданија на фестивалот ‘Охридско лето’ со свои проекти. По неколкумесечна пауза, дел од оперските солисти, оркестарот и женскиот балетски ансамбл ќе настапат на оперски гала концерт и балетска премиера на ‘Болеро’ од Морис Равел. Програмата е специјално конципирана за да може да се изведе во овие специфични услови. Сите учесници ќе ги почитуваат мерките за одржување на вакви настани со тоа што за време на концертот ќе седат на соодветна дистанца, секој на посебен пулт и со маски на лицето, се разбира оние учесници на кои инструментот тоа им го дозволува“, посочува Чадловска. Како што истакна таа, на гала концертот, освен балетската премиера на популарното „Болеро“, ќе бидат изведени и оперски дела од Моцарт, Пучини, Бизе и Чилеа.

Со настап на дел од женскиот балетски ансамбл на НОБ, публиката ќе може да го проследи и најпопуларното дело на Морис Равел, а кореографијата на Евтимова,  ја дополнуваат режијата на Дејан Прошев, костимите на Марија Пупучевска, светло дизајнот на Милчо Александров.

За Олга Панго, уметничка раководителка на Балетот задоволство е по подолга пауза поради пандемијата со корона вирусот да се настапи на големиот и престижен меѓународен и македонски фестивал – Охридско лето.

„За таа пригода подготвивме нова премиера на Равеловото ‘Болеро’ кое е во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца… За нас претставува една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Евтимова. Се надевам дека публиката ќе ужива во нашата изведба на Долни Сарај во Охрид“, вели таа.

Фото: Александар Томовски

И кореографката Саша Евтимова со сличен став, дека добро е што по пауза од пет месеци, со заеднички напор и желба, повторно се вратиле во сала, на работа. „Идејата за ‘Болеро’, која е всушност е омаж за Олга Милосављева, беше во план уште пред прогласувањето на пандемијата, нормално вклучувајќи го целиот балетски ансамбл, некаде околу 30 артисти на сцена. Во овие тешки моменти и услови, морав како кореограф да го редуцирам ансамблот, со метар и пол дистанца, помеѓу секој играч следејќи ги препораките од Министерството за здравство. Освен што ‘Болеро’ е омаж за Олга Милосављева, пораката на самиот балет за мене лично е пребродување на сите препреки кои ги имаме во животот, а за тоа ни е потребна љубов, сплотеност, единство, надеж, среќа… едноставно чувство на победа“, истакнува Евтимова.

Фото: Александар Томовски

За костимографката Марија Пупучевска, пак, „Болеро“ под маски е современ балет кој е продукт на францускиот импресионизам со шпански призвук кој се занимава со комплементарност на бои. „Бои кои бараат богати светлосни ефекти, со цел да се задржи чистата форма, ритмиката на движење во пстмодернистичката креација на жената под маска, сè со цел да се долови современиот ритам и правила на живеење во време на пандемија“, додава Пупучевска.

Фото: Александар Томовски

Инаку, францускиот композитор Морис Равел (1875-1937) во 1928 година решил за својата пријателка, руската танчарка и актерка Ида Рубинштајн да напише балетско дело со шпански призвук. „Првичната идеја била да ја оркестрира пијано-свитата ‘Иберија’ на Исак Албениц, но набргу одлучил да напише сосема ново дело. Подолго време се носел со помислата да напише композиција базирана само на една тема и решил дека ова е можност да ја реализира својата идеја. На таков начин настанало неговото најпопуларно и најпрепознатливо дело – ‘Болеро’. Во него целиот негов потенцијал за оркестрирање дошол до израз и блеснал во полн сјај. Петнаесетминутната композиција почнува тивко, срамежливо, со краток ритмички вовед на барабанот (кој се одржува до крајот), а гудачките инструменти ја свират хармонската подлога. Во најблага боја и најсуптилна динамика, темата прва ја носи флејтата. Еден по еден, другите дувачки инструменти ја преземаат и си ја подаваат меѓу себе. По нив гудачките инструменти флертуваат со едноставната, но раскошна мелодија, за на крајот сите заедно да ја доведат до кулминација, која звучи густо, тензично, од убавина болно до растреперување“, ќе напише Лада Шоптрајанова Петровска. (Н.И.Т.)