НЛБ Банка прва ја послуша НБ, нема да подели дивиденда

244

НЛБ Банка нема да им исплати дивиденда на своите акционери од  добивката од минатата година. Со ова, НЛБ Банка е прва која ја  послуша препораката на Народната банка, банките да не делат дивиденда и со добивката да го зголемат капиталот.

Притоа, од добивката што ја оствари лани од 30,08 милиони евра, НЛБ Банка ќе внесе 27,19 милиони евра во нераспоредена добивка и 2,89 милиони евра како задржана заработувачка за инвестиции.

Таква одлука банката ќе донесе на Собранието на акционери што ќе се одржи на 16 април, предложена како нова точка на дневниот ред.

Најголем акционер на НЛБ Банка, кој располага со 87 отсто од капиталот, е НЛБ Љубљана.

 

-Врз основа на неочекуваната ситуација со пандемијата КОВИД-19 и врз основа на Писмото од Народната Банка на Република Северна Македонија од 20 март годинава, во кое се очекува банките во земјава да се воздржат од исплата на дивиденда од реализирана добивка за 2019, со цел да го надградат капиталот и ликвидните резерви над минимално потребниот праг, предлагаме распределба на реализираната добивка за 2019 година – прво во нераспределена добивка во износ од 1.672.270.392 денари (27,19 милиони евра) и задржана заработувачка за инвестиции во износ од 177.647.606 денари (2,89 милиони евра), образложуваат од НЛБ Банка.

Појаснуваат дека на овој начин остварената добивка за 2019 ќе биде на тековно располагање на Банката за ликвидносни цели, како и на располагање на Собранието на акционери за понатамошно одлучување во однос на начинот на постапување со нераспределената добивка понатака, кога Банката ќе има повеќе информации за да направи квалитетна проценка на развојот на економската и финансиската ситуација и нејзиното влијание врз капиталот на Банката и позицијата на ликвидност.

Од НЛБ Банка објаснуваат дека „добивката која е распределена во задржана заработувачка за инвестиции се употребува за цели на развој и инвестиции во материјални и нематеријални средства за проширување на примарниот бизнис и не е достапна за плаќање на дивиденда на акционерите во иднина (ограничена за дистрибуција на акционери)“.

Одлуката ќе стапи на сила на датумот на донесување.

Како што велат од Банката, со оваа одлука се постигнува да се зајакне ликвидноста и капиталот на Банката, а со тоа и ликвидноста на целиот банкарски сектор во државава, односно да не се одлеваат средствата надвор од земјава. Преку ова НЛБ уште еднаш  ја докажува стратегијата за фокус кон регионот и регионалната припадност на Групацијата.