Немам повеќе пари, го продавам џипот за да ги покријам долговите за купената храна за сиромашните!

677

Очекувал дека државата ќе ускокне со донации за да им се помогне на сè поголемиот број сиромашни и гладни усти, но иако поминаа веќе 10 месеци од почетокот на неговата хуманитарна активност, вели дека и натаму на свој грб го носи целиот товар и повеќе не знае што да прави. – Мислев дека и државата ќе помогне да субвенционираат нешто, кога може за учење на магариња да плаќаат по 80 илјади евра, зошто да не ми дадат и мене – јас помагам на луѓе, разочарано вели Али Февзи за весникот ВЕЧЕР

Али Февзи, познатиот чаирчанец кој од почетокот на пандемијата со коронавирусот ги вложи сите свои физички и финансиски средства да им помага со храна и други потреби на сиромашни лица и семејства во Скопје, е при крај со силите. Очекувал дека државата ќе ускокне со донации за да им се помогне на се поголемиот број сиромашни и гладни усти, но иако поминаа веќе 10 месеци од почетокот на неговата хуманитарна активност, вели дека и натаму на свој грб го носи целиот товар и повеќе не знае што да прави.

– Освен тапкање по рамо и ветувања кои почнуваат со „ќе“, немам никаква помош од државата. Со мои пари и натаму купувам и лично со мое возило доставувам храна на сиромашни од Сарај до Драчево, а од државата не сум добил ниту еден денар или, пак, литар гориво. Ми ветуваа поддршка, ама нема ништо. Чекам да ме викнат од канцеларијата на ЕУ да им кажам дека сам им помагам на луѓето, можеби ќе допре до нив. Ако успеам во тоа, добро ќе биде, ако не, не знам што понатаму – вели Февзи за весникот ВЕЧЕР.

Тој неодамна беше прогласен за маж на годината и победи благодарение на гласовите на македонскиот народ, очекувал титулата да му помогне што поширок круг на луѓе и фирми да слушнат за неговата хуманитарна активност и да помогнат со донации.

– Ме критикуваат дека Али почнал да бара пари. Јас не барам пари за мене, туку за луѓето кои секојдневно ми доаѓаат, бараат, немаат ова, немаат она. Мислев дека свеста ќе ги разбуди да станат хумани, ама… Мислев дека и државата ќе помогне да субвенционираат нешто, кога може за учење на магариња да плаќаат по 80 илјади евра, зошто да не ми дадат и мене – јас помагам на луѓе – разочарано вели Февзи.

За да го покрие долгот кон магацините од каде ја набавува храната за сиромашните, а кој достигнал 1.500 евра, Февзи го ставил својот џип на продажба.

– Го продавам џипот испод цена, само да ги обезбедам парите за да го покријам долгот кон магацинот. Луѓето бараат пари да им дадам, им викам почекајте ќе добијам донација, ама ете поминува веќе година дена откако се зафатив да им помагам на сиромашните, а помошта ја нема – констатира Февзи.

Досега не оставил ниту една од петстотините гладни усти на кои им носи храна, хигиенски средства и други работи, но сега е присилен да го редуцира бројот. Свесен е дека си презел голема обврска и сега не може да постигне секаде да помогне.

– Сега го намалив бројот на семејства што им помагам. Порано мојот берберски салон беше полн со луѓе, како на свадба. Ама финансиските можности ми се исцрпеа. Сега дневно за купување трошам по околу 1.500 денари, а порано многу повеќе. Се мислам да кренам раце од сè, но од друга страна не можам да поверувам дека во земјава има толку голема сиромаштија и многумина без мојата помош нема да можат да го поминат денот. Дојдете да видите како постојано ми доаѓаат луѓе за помош во дуќанот. Молим те, молим те… не можеш да го одбиеш. Една жена немаше уште 40 дена како се породила, дојде со бебето и ме замоли за парче леб. Што да правам, не можам да ги одбијам – вели Февзи.

Жално е, вели тој, дека најмногу помош бараат самохрани мајки.

– Има една жена со пет деца и бара помош, на улица е, се разведува со сопругот. Не навлегувам кој е виновен за разводот, ама децата најмногу патат. Многумина ми се јавуваат и прашуваат зошто повеќе не им носам храна, случајно нешто да не сум им се налутил, па им ја кажувам вистината, дека немам повеќе пари – кажува Февзи.

Огорчен е од една страна што ова го почна, а од друга пак, вика „фала му на господ што издржав“. Ако наскоро не добие помош, размислува да се откаже и да му се посвети на семејството и на неговиот болен татко. Но, загрижен е за сите оние што чекаат да се прехранат и вели на крај, страшно е ако во Македонија почнат да умираат од глад. Решението го гледа во отворање на меѓународна социјална кујна во која ќе бидат вработени самохрани разведени мајки и татковци.

(С.Бл.)