Нема ништо “спорно“, за Македонците Делчев е Македонец, за Бугарите – Бугарин?!

336

Ликот и делото на Гоце Делчев беше камен на сопнување и на осмата средба на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања одржана деновиве во Охрид. Според изјавите на историчарите од двете страни напредок во ставовите нема и тие остануваат дијаметрално спротивни. Мал напредок е постигнат единствено во делот на средновековната историја во учебниците, но и таму има делови кои дополнително ќе се усогласуваат и во кои дополнително ќе се интервенира?!

“Во однос на учебниците направен е солиден чекор напред. Разгледани се нашите забелешки по однос бугарските учебници, и во добар дел успеавме да ги поминеме. По однос, пак, на разговорите посветени на Гоце Делчев не успеавме да постигнеме било каков напредок“, истакна по средбата директорот на Институтот за национална историја, професорот Драги Ѓорѓиев.

Иако имало повеќе предлози околу одредени дефиниции за Гоце Делчев, не била усогласена ниту почетна позиција.

Бурните разговори, кои ги нарече “дискусија на работ на колегијалното однесување“, ги потврди и Ангел Димитров, копретседател на бугарската група на историчари. Тој ја обвини македонската страна за “инсистирање на различностите“ кога Гоце Делчев е во прашање. Димитров истакна дека бугарската страна е на став да се изготви текст што нема да ги нагласува разликите, додека за македонската страна кажа дека инсистира на различностите, односно во преамбулата на текстот да биде внесено посодржинско појаснување за важноста на Гоце Делчев, како една од најважните фигури и зошто би се славел заедно.

“Тука доаѓаат до израз различните историографски гледишта и поради тоа доаѓа до несогласувања на членовите на комисијата. Тука засега е проблемот и се обидуваме со разни предлози да го надминеме“, појасни Ѓорѓиев.

За бугарскиот историчар тие не тврдат дека Делчев е Бугарин, туку “тој самиот го тврди“.

“Ние само ја гледаме документацијата во која не само тој туку и неговото семејство, и соработници јасно го декларираат неговиот идентитет“, вели Димитров.

На прашањето на новинарите, пак, како Делчев се борел за независна Македонија, а не за бугарска територија, Димитров го истакна бугарскиот историогафски став дека Делчев се борел за автономија, во време кога дури ниту Бугарија не била независна држава?!

Македонско-бугарската комисија повторно ќе се сретне во Бугарија кон крајот на идниот месец. Во една од своите последни изјави за весникот “Вечер“ на прашањето дали е оптимист во однос на решавање на ова прашање и изнаоѓање на заеднички став, Ѓорѓиев одговори дека е “оптимист со задршка“.

“Дали ќе има усогласување по прашањето за Гоце Делчев меѓу македонската и бугарската страна ќе зависи од тоа колку сакаме да ги надминеме различните ставови кои постојат и ги засегаат и двете страни. Јас сум умерен оптимист со задршка. Доколку има конструктивен и позитивен пристап без навлегување во чувствителни теми, ќе има решение. Ние ќе разговараме и затоа и има средби, а што ќе биде ќе видиме“, изјави за весникот „Вечер“, Драги Ѓорѓиев, координатор на македонската група во бугарско-македонската комисија за историски и образовни прашања.