Некогаш депонија, сега најубавата плажа во Калифорнија

418

Во раниот 20 век, жителите на Форт Брег во Калифорнија, САД, редовно фрлале отпад од карпата на плажата што се наоѓала долу, денеска позната како Стаклена плажа. На неа се фрлало сè, од стакло, до куќни апарати, стари автомобили…

Во тоа време, просторот бил во сопственост на Union Lumber Company, а локалните жители едноставено ја нарекувале „депонија“. Кога плажата станала целосно затрупана со отпад, едноставно тој се палел за да се создаде простор за уште повеќе ѓубре.

Областа е затворена за фрлање смет во 1967 година, кога се преземени големи напори плажата конечно да се исчисти. Во текот на неколку децении потоа, брановите целосно ја исчистиле плажата, оставајќи зад себе само мали парчиња стакло, во различни бои, кои и ден денеска ја прекриваат плажата.

California State Park ја купиле плажата во 2002 година, а по дополнителното чистење станала дел од паркот MacKerricher State.

Во последните неколку години, Стаклената плажа стана популарна меѓу туристите, кои тука доаѓаат по најубавите парчиња стакло. Но, и покрај желбата на туристите да понесат по некое стакленце-сувенир, тоа е невозможно, бидејќи е строго забрането земање на стакло од плажата.