Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, загуби во осминафиналето на мастерс турнирот во Рим од Денис Шаповалов, но си замина од „вечниот град“ со поголем проблем од поразот – повредата.

Шпанецот имаше очигледни проблеми со стапалото, а тоа ќе му направи проблем и на Ролан Гарос, каде од 22 мај треба да се бори за 22.грен слем титула, па дури и за 14. на Отвореното првенство на Франција.

-Не сум повреден, јас сум играч кој живее со повреда, изјави Надал по поразот, алудирајќи на својот синдром Милер-Вајс, кој му предизвикува хронични болки во централниот дел на стапалото.

-Тоа е нешто што е присутно и за жал е  се потешко од ден на ден. Тешко ми е понекогаш да ја прифатам оваа ситуација, додаде Шпанецот.

Запрашан дали ќе игра на Ролан Гарос, Надал рече дека целта е да не дозволи болката да му ја попречи подготовката за тој турнир. Тој најави и дека докторот ќе биде со него во Париз.

-Сè уште мојата најголема цел е титулата на Ролан Гарос. Иако  турнирот почнува за една недела сè уште сонувам за тој настап, изјави разочараниот Надал.

Со поразот од Шаповалов, Надал од следната недела ќе падне на петтото место на АТП листата, а според сегашните прогнози тоа би му овозможил потенцијален дуел против Новак Ѓоковиќ веќе во четвртфиналето на турнирот во Париз.