Таа веќе една година работи во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и се соочува со предизвиците што ги носи огнената стихија. Иако навидум кревка жена, вели дека воопшто нема страв да се соочи со огнот, иако досега немала искуство со поголем пожар.

–  Сè уште ми остана врежана во главата случката кога повозрасен човек заглавен во тоалет во сопствениот стан, кај Железничка станица моравме да го спасуваме. Тој се обидувал сам, со сопствен алат да ја поправи вратата од тоалетот. Заради тоа ги извадил и кваките од вратата и успеал да се заглави, бидејќи не можел да ја отвори вратата, а дома бил сам. Претпоставувам дека некој од соседите го чул и пријавил кај нас, вели Стојановска за весникот ВЕЧЕР

 

Триесетгодишната Менка Стојановска од Порта Влае е една од двете жени пожарникари во Бригадата за противпожарната заштита на Град Скопје. Таа веќе една година работи овде и се соочува со предизвиците што ги носи огнената стихија.

– Отсекогаш сум сакала да придонесам за општеството и околината што ме опкружува. Сметав дека ова е работата во која ќе се пронајдам и која ме исполнува. Реално, веќе сум доволно возрасна за да увидам што ме прави среќна и што ме исполнува. Многу ми е драго што ми се укажа можност да бидам дел од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје – вели Стојановска за весникот ВЕЧЕР.

Таа ја поминала потребната теоретска и практична обука и се стекнала со сертификат пожарникар спасител.

 

– Дежураме на одредени возила, наша обврска е да ги провериме возилата и да ја преземеме смената. Во изминатиот период кој не е многу долг учествував во повеќе интервенции – раскажува Стојановска.

Иако навидум кревка жена, таа вели дека воопшто нема страв да се соочи со огнот, иако до сега немала искуство со поголем пожар.

– Се чувствувам сигурно, бидејќи верувам во колегите. Прифатена сум од нив иако сум жена и свесна сум дека ќе добијам задача на која ќе можам да одговорам. Не се ни очекува од нас кои сме на почеток да бидеме во првите редови и да бидеме херои. Сè уште сум под закрила на постарите пожарникари. Има време кога товарот ќе падне врз нас – смета Стојановска.

Таа учествувала во гаснење на запален автомобил, електрични броила, запален автобус, пожари на отворено, како запалениот магацин во фабриката „Металски завод Тито“,  потоа гаснела запалена вештачка трева во ООУ „11 Октомври“, во Центар, а учествувала и во спасување на човек кој бил заглавен во тоалетот, во сопствениот стан.

– Сè уште ми остана врежана во главата случката кога повозрасен човек заглавен во тоалет во сопствениот стан, кај Железничка станица моравме да го спасуваме. Тој се обидувал сам, со сопствен алат да ја поправи вратата од тоалетот. Заради тоа ги извадил и кваките од вратата и успеал да се заглави, бидејќи не можел да ја отвори вратата, а дома бил сам. Претпоставувам дека некој од соседите го чул и пријавил кај нас – вели Стојановска.

По повикот екипата веднаш отишла на лице место за да реагираат.

– Олеснителна околност ни беше што човекот воопшто не беше во паника и соработуваше со нас. Сакаше да интервенираме со најмала можна штета. За да не ја скршиме влезната врата од станот, моравме да интервенираме од прозорецот на тоалетот кој беше мал, а единствено јас и мојот колега Злате Здравковски можевме да се протнеме низ прозорецот. Злате со скала се искачи до прозорецот, а јас му помагав. Тој влезе во тоалетот, а јас останав на скалите и разговарав со човекот кој беше затворен и ги пренесував информациите долу на командирот на акцијата. За кусо време Злате ја отвори вратата, а човекот беше добро. Тоа беше брза интервенција без никаков притисок или влошена здравствена состојба -нагласи Стојановска и додаде дека според кажувањата на колегите луѓето знаеле да вршат притисок и да го попречуваат интервенирањето.    

Таа вели дека нејзината прва интервенција била на запален автомобил.

– Бев ноќна смена, возилото на кое бев дежурна требаше да интервенира во населбата Црниче. Кога пристигнавме полицијата веќе реагираше, а во автомобилот немаше луѓе. Успеавме да го изгасиме пожарот – вели Стојановска.

 

Таа била вклучена и во гаснењето на пожар во магацин на фабриката „Металски завод Тито“, лани во октомври.

– Таму беше специфично, иако се работеше за пожар на отворено. Се чувствуваше силен мирис од хемикалии. Гореа буриња со бои и лак. Кога пристигнавме немаше голем пламен, но сè уште гореше. За среќа немаше луѓе. Интервениравме, а потоа направивме проверка на теренот, за да ги отстраниме можностите за повторно разгорување. Се соочуваме со испарување на разни гасови и опасни материи. Со тоа се доведува во опасност и нашиот живот, покрај тоа што сме присилени да се справуваме со огнот – потенцира Стојановска.

Таа додава дека заради тоа се обезбедени заштитни маски и дишни апарати кои служат за заштита на дишните патишта.

– Не се случило, барем досега, да ми биде загрозен животот. Сепак, зад мене стојат моите поискусни и повозрасни колеги пожарникари, а и командирот на самата акција  знае да распредели точно, кој за што ќе биде задолжен – потенцира Стојановска.

Вели дека учествувала и во гаснење на автобус со број 55 и тоа во делот меѓу Арачиново и Грушино.

– Тоа се случи некаде лани во октомври. Автобусот беше во поле и беше многу опожарен, но за среќа патниците беа надвор од него. Интервениравме со две возила и бевме четворица пожарникари. Го изгасивме, но тој повторно не можеше да биде ставен во функција – истакна Стојановска.

 (А.П.)  – Фото: П.С.