Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, легендарниот Карим Абдул Џабар, не е голем љубител на стилот на кошарка кој се форсира во НБА-лигата во последните години.

Поранешниот центар смета дека играта ја загубила смислата поради големиот број шутеви за три поени. На Џабар воопшто не му се допаѓа овој стил на игра кој претежно го форсира тимот на Голден стејт, а воедно му носи резултати со освојувањето на шампионската титула оваа сезона.

  • Искрено, денешната НБА-лига ми личи на натпреварување за тројки. Во мое време имавме десет обиди за три поени во текот на натпреварот, а сега имаат 20 во една четвртина. Некому тоа му се допаѓа, но јас искрено не сум толку импресиониран од таквиот стил на игра, вели Џабар.

Најдобриот стрелец во историјата на НБА-лигата има дадено тројка само еднаш во кариерата, можеби затоа и не е љубител на ваквиот начин на игра.

  • Мислам дека тоа беше мојот единствен шут за три поени во кариерата. Се сеќавам дека топката се одби во аголот, едвај ја фатив, се свртев и погодив. Не сум се обидел ниту претходно, ниту потоа, а сè уште сум најефикасен играч на сите времиња, додаде центарот.

Џабар во својата богата кариера освои шест шампионски прстени, пет со Лејкерси и еден во дресот на Милвоки. Тој постигна нереални 38,387 поени, или над 1.000 повеќе во споредба со вториот на вечната листа – Леброн Џејмс.