Научен собир за Кирил Пенушлиски и за Марко Цепенков

292

Во организација на Институтот за македонска литература ќе се одржи научен собир по повод 110 години од раѓањето на македонскиот фолклорист Кирил Пенушлиски и 50 години од објавувањето на целокупниот опус на Марко Цепенков во 10 тома. Собирот ќе се одржи на 28 ноември, со почеток во 12 часот, во амфитеатарот на ИМЈ „Крсте Мисирков” во Скопје.

Поздравни обраќања на собирот ќе имаат д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература и д-р Ана Мартиноска, претседателка на Организацискиот одбор на собирот, а со свои научни излагања ќе се претстават д-р Марко Китевски –„Делото на Кирил Пенушлиски во одбрана на македонскиот национален идентитет“, д-р Ермис Лафазановски – „50 години од објавувањето на десеттомното издание: ‘Македонски народни умотворби’ на Марко К. Цепенков во редакција на Кирил Пенушлиски“, д-р Валентина Миронска-Христовска – „Универзалното, колективното и личното во Цепенковите записи“, како и д-р Ана Мартиноска со „Аманет од работната соба на Пенушлиски“. Модератор на собирот ќе биде м-р Ана Јовковска, а се очекува присуство и на претседателот Стево Пендаровски. На собирот ќе има презентација на снимка од дигитализираната колекција на фолклорни умотворби на Кирил Пенушлиски.