Наставата во училиштата во Кочани се одвива без поголеми проблеми

31

Наставата во првите две недели од оваа учебна година во училиштата во Кочани се одвива без поголеми проблеми и покрај здравствената криза во која општината секојдневно бележи по десетина нови позитивни на Ковид-19.

Ова е заклучено на работната средба што градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев ја одржа со директорите на основните и на средните училишта, а на која се разговараше за реализирањето на наставните планови..

Наставата од далечина и со физичко присуство се реализира без поголеми проблеми и тешкотии. Состојбата со заболени наставници и ученици се следи според протоколите, согласно со епидемиолошките служби за постапување во секој поединечен случај. Договоривме и јасни насоки во врска со реализацијата на постапката за организиран превоз, истакна Илијев.

Со оглед на актуелните услови во кои се реализира наставата, на состанокот е договорено грејната сезона да се реализира крајно рационално и да се затоплуваат само просториите што се користат.

На работната средба беше заклучено дека со подобрување на епидемиолошката состојба, кога ќе проценат дека имаат услови, училиштата можат да достават барања за настава со физичко присуство и за работа на спортските објекти и продолжен престој. За училиштата каде недостига опрема за онлајн настава, таа ќе биде предвидена за набавка, за што ќе се планираат и дополнителни финансиски средства.

Извор:МИА