Насадени млади дабови стебла во месноста Говрлевска Краста

229

Скопските бадникари од сите генерации вчера посадија 30 млади стебла даб на јужните падини на Водно, во месноста Говрлевска Краста.

Активноста е спроведена со помош на луѓето од Општина Сопиште. Како што информираат од  граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник“, со стручни совети и помош од Коле Василевски од Земјоделскиот факултет, најпрвин е извршена опсежна подготовка на теренот, кој е мошне каменит и специфичен.

Сето ова, како што велат скопските бадникари, како и секогаш, поминало во атмосфера со смеа и огромно расположение, а завршило со жестока капка и во најдобар ред -како што прилега. Целата иницијатива е спроведена со активен придонес и учество на почесниот член на Одборот и поранешен кум, Љупче Николовски.

Скопските бадникари го направија ова во чест на 30 години од своите постоење и активност во рамките на заложбата за зачувување и негување на традициите на главниот град.

На местото Говрлевска Краста, скопските бадникари со години собираат бадникови гранчиња, кои ги делат пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“, на 6 јануари, во пресрет на Бадник и на големиот христијански празник Божик.