„Налепница“ на Георги Унковски на Санденс

212

Македонскиот краткометражен игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги Унковски со проекции на 24, 28 и 30 јануари во Парк Сити и на 25 јануари во Солт Лејк Сити ќе се претстави на годинешниот фестивал за независен филм „Санденс“ што од денес до 2 февруари се одржува во Јута, САД.

Филмот, во продукција на „Cinema Futura“, се прикажува во селекцијата „Интернационални кратки филмови“. Остварувањето на Унковски е во редот на 74 кратки филмови кои влегоа во официјалната селекција од вкупно 10397 пријавени филмови, меѓу кои 4992 биле од САД, а 5405 биле од други земји.

„Налепница“ („Sticker“) е црна комедија, во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми. Главната улога во филмот ја толкува Сашко Коцев, а покрај него настапуваат и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук на Сашко Потер Мицевски. Филмот се снимаше 6 дена на повеќе локации низ Скопје, а премиерно беше прикажан во киното „Фросина“, во септември минатата година.