Eден од најдобрите тенисери на сите времиња, Шпанецот Рафаел Надал, не застана во одбрана на Новак Ѓоковиќ на почетокот на годината кога беше депортиран од Австралија, само затоа што не беше вакциниран против коронавирусот.
Тогаш, имено, „бикот од Мајорка“, на прашањето како ја коментира вревата што се крена околу вакцините, визите и сето она што го придружуваше политичкиот хаос во Мелбурн, рече дека „правилата се правила и секој мора да ги почитува“.
Тогаш навивачите на Новак, жестоко го осудија тенисерот од Мајорка, но искрено тој имаше право да го каже тоа, иако ќе беше колегијално доколку застане во одбрана на својот ривал.
Немаше да биде некој голем проблем, ниту пак да заслужи претерано остра критика, доколку Шпанецот девет месеци подоцна не покажеше дека е лицемер.
Надал моментално се наоѓа во Чиле, каде со Каспер Руд учествува на егзибициски турнир. А таму секако главна тема беше Светското првенство во Катар, па новинарите ги интересираше мислењето на Рафа за забраната за носење на капитенската лента во боите на виножитото што ја објави ФИФА.
– Сите учесници на Светското првенство треба да имаат слобода на изразување – одговори Надал.
Новак Ѓоковиќ, исто така имаше право да се изрази и за прашањето за вакцинацијата, што го направи како слободоумен човек, но потоа помина низ пеколот под диригентство на гневните австралиски политичари, а само неколку тенисери застанаа во негова одбрана, но не и Надал.