Набавете гумени чизми ако одите во Хиподром 2!

261

Жителите од населбата Хиподром 2 се жалат дека живеат како во 16 век, газат во кал, бидејќи улиците сè уште не им се асфалтиран, иако за тоа плаќаат комуналии. На социјалните мрежи споделуваат и фотографии на кои може да се забележи незавидната состојба и супстандардните услови во кои тие живеат.

– Во калишта до колена сме. Срамота во кој век сме – реагира Каролина Живковиќ-Калеовска. Лиле Стојчевска додава: „Пред 30 години живеевме вака, во кал газевме“. Антонио Ташковски додава дека населбата Хиподром 2 започна да се гради во далечната 2012 година… ама очигледно се работи за „тежок почеток“, се враќаме во 16 век… срамота“, нагласува тој.

Од Општина Гази Баба велат дека преку Министерството за транспорт и врски имаат обезбедено грант за патна инфраструктура во оваа населба.

– Од страна на општината е обезбедена целата проектна и придружна документација потребна за реализација на проектот. Во тек е постапка за јавна набавка, која ја спроведува Министерството за транспорт и врски и по нејзиното завршување, ќе започнат градежни активности за асфалтирање на локалните улици – нагласуваат од општината.

Оттаму додаваат дека дополнително на ова, општината од свои извори на финансирање обезбедила повеќегодишна развојна програма преку која обезбедува по 20.000.000 денари годишно во неколку години, со цел поставување на целосна патна и комунална инфраструктура.

– Во изминатиот период беше изградена комплетната мрежа на атмосферска и фекална канализација – децидни се Општина Гази Баба.

Во оваа населба, според Деталниот урбанистички план, планирано е да бидат изградени околу 300 нови куќи и 12 згради. Првите 25 договори за отуѓување на земјиштето, тогашниот градоначалник  на Општина Гази баба, Тони Трајковски, ги потпиша во јуни 2012 година. Парцелите тогаш се продаваа со почетна цена од евро за квадрат, а некои достигнаа цена од 20 до 50 евра за квадрат.         (А.П.)