Малку се сезоните во кои славниот тим – Ферари не успеал да запише ниту една победа во Формула 1, а на повидок е токму таква година. Како секоја година овој тим се вбројува меѓу фаворитите за титулата, но очигледно е дека сезонава ќе го проба второто место во генералниот пласман, бидејќи првото е веќе резервирано за тимот на Мерцедес.

Она што е уште позагрижувачко за Ферари, е тоа дека на неколку трки сезонава имаше сè во свои раце, но Шарл Леклер остана без триумф во Бахреин поради проблеми со болидот, Макс Верстапен го истурка во завршницата на Спилберг, а на Фетел му беше одземена победата поради маневрот со кој го затвори Хамилтон во Монтреал при враќање на патеката.

Тоа е премалку за најтрофејниот тим во историјата на Формула 1 кој уште една сезона во низа гледа во грбот на Мерцедес, но и на Ред Бул кој со Макс Верстапен два пати триумфираше, во Австрија и Германија.

Поучени од искуството од минатите сезони, постои реална можност Ферари да не запише ниту една победа сезонава што се случи во 2014 година, ако се има во предвид дека во есенскиот дел од сезоната одамна се нема радувано на триумф.

Меѓутоа, се верува дека со моќта на моторот кој го поседува тимот од Маринело предност да има на Монца, трка која се вози на почетокот на септември, како и на белгиската „Спа“ која се вози една недела порано.

Без сомнение, ова е уште една година за заборав на италијанскиот тим.