На тема сочувствителност: „Девојчето со кибритчиња“ премиера на Турски театар

203

„Девојчето со кибритчиња“ е насловот на новата претстава на Турски театар-Скопје, која премиерно ќе биде изведена денес (15 јануари) со почеток од 12 часот, на сцената на Театар Комедија. Андерсеновата приказна е адаптирана за деца и младинци и се фокусира на темата за сочувствителноста која е сè поретко присутна во општеството. Ова е прва режија на младата Емине Халил, која во 2015 дипломирала актерска игра на турски јазик на ФДУ.

Зборувајќи за мотивот за претставата, режисерката Халил рече дека од преокупираноста со себеси, луѓето денес ги запоставуваат животите на другите. Идејата ѝ била да ги запознае децата што е емпатија и да научат нешто повеќе за реалниот живот. „Децата денес се цело време на телефон или таблет и не се занимаваат со надворешниот свет. Сакав да им покажам дека постојат луѓе кои се на улица. Тие се и презаштитени од родителите и немаат допир со реалноста и дека некои деца немаат ништо. Особено во свет во кој има војни и бегалци, тие треба да бидат малку посвесни за емпатијата, знаејќи дека некои луѓе немаат сè што ќе посакаат. Пораката е и дека треба да застанеме и да замислиме желба, да се вратиме во периодот на детството кога секогаш сè е возможно, затоа што забораваме на желбата за магија“, посочила Халил, која во претставата ја игра насловната улога.

Актерката Сара Јусуф рече дека приказната е стара, но се обидуваат да ја интерпретираат на поинаков начин, низ игра и кореографија, притоа нагласувајќи дека поентата во претставата – емпатијата, сè повеќе се заборава и кај децата и кај возрасните. „Со оваа приказна сакаме да потсетиме дека треба да си помагаме, без разлика кои сме. Ја живееме сите истата приказна и треба да се потрудиме да ја смениме, за да заврши среќно“, додала Јусуф.

 

Во претставата играат и Хакан Даци, Жале Османи, Бурак Рахман, Метин Ибрахим, Озел Асанов, Слаѓана Вујошевиќ и Едис Мусиќ. Турски театар-Скопје во 2020 одбележува 70 години постоење.

В.д. директорката Несрин Таир соопшти дека покрај претставите за кои конкурираат во Годишната програма на Министерството за култура, во јубилејната година ќе имаат и независни копродукциски проекти.