На промоцијата на филмот дојде и синот на Тереза Кесовија

504

Легендарната Тереза Кесовија, која во поранешната Југославија беше најпопуларна пејачка на забавни мелодии и апсолутна победничка на многу тогашни фестивали, деновиве во Загреб го промовираше документарно-музичкиот филм “Тоа сум јас“, кој зборува за нејзината богата естрадна кариера, но и во кој има многу моменти од нејзиниот приватен живот. На промоцијата на филмот се собраа многу познати личности, пријатели и колеги на Тереза, како на пример Габи Новак, Зденка Ковачичек, Жак Хоудек, Ксенија Урличиќ… Дојдоа и: нејзината внука Мила, снаата Љиљана, поранешниот сопруг пејачот Миро Унгар, а најмногу радост Тереза покажа кога во публиката го виде, како што кажа, своето злато, синот Алан, кого пејачката не го испушташе од рака. Синот исто така се појавува во филмот кажувајќи ги накусо настаните од животот на својата славна мама.

Овој филм е во режија на Миро Бранковиќ, трае 52 минути, а во него се појавуваат со свои емотивни приказни за Тереза и некои личности кои, за жал, не се веќе физички меѓу нас. Филмот наиде на огромен публицитет во Хрватска, Словенија и Франција каде се снимаше во изминатите три години. Има и извонредни сцени од нејзиното родно дубровничко село Ловорно во Конавле, каде Тереза ги поминала своите денови од детството израснувајќи без мајка, која починала вториот ден по породувањето со Тереза, па таа како дете растела со маќеа Јела, братот Перо и таткото Антун.

Дуле Миќиќ    Фото: Инстаграм/ФБ