На планината Готен во Владимирово и годинава продолжи традицијата ,,Готенско муарабе”

349
На планината Готен во беровското Владимирово и годинава се организираше традицијата во народот позната како ,,Готенско муарабе”. Традиционалната посета на планината Готен, секоја година се одржува во чест на храбрите и успешни борби на комитските чети со тогашниот окупационен аскер. Готенската битка како што истакна Јован Мазгански, писател и поет по потекло од беровско е докажано најголемата битка меѓу комитските чети и турскиот аскер, настан кој се случил на ден Велигден, 1903 година на врвот на Готен.
-Битката траела два дена, со карактеристичен напад на непријателот во грб, од самоиницијативно вклучување на мeсните комитски чети или од нови аскерски сили. Се случила невидена борбена слика со седум огнени круга, ред комитски ред аскерски, кажа Мазгански.
Карактеристика за самата битка, како што додава беровскиот писател е што на  страната на комитите се вклучила и една врховистичка чета, иако чести биле судирите меѓу централистите и врховистите, а во борбата имало голем број жртви и ранети, посебно на страната на аскерот.
За да се стигне до планината Готен и да се присуствува на Готенското муарабе, учесниците и годинава било потребно да поминат 25 километарски шумски пат, патување кое е можно само со џипови или мотори.
Тргнувањето од Владимирово годинава беше во 9 часот наутро. Патувањето до Готен траеше нешто повеќе од час возење. Здружението на Владимирските илинденски средби пред две години уреди прекрасен терен со стабилни маси и клупи во околните падинки, со паркиралиште, терен за оро и со убаво уредена чешма со ледена планинска вода, додаде Мазгански кој дополни дека на собирот и годинава биле присутни сите пропишани служби за таквите манифестации како санитетска екипа со возило, ПП екипа со опрема и возило и полиција.
На манифестацијата и годинава по традиција се носат зурли и тапани, но и модерни аудио уреди за песни и игри на младите, а за посетителите организаторите имале подготвено ручек, грав со сланина за околу 200 порции.
-По пристигнувањето и освежување со водата, веднаш се извадија пилалоците и мезињата, на многу места се печеше месо  за мезе, но пред тоа се подготвуваше разни салати, кашкавали. Секој на секој нудеше пијалок, ракија, мезе, пиво. Необично за други собири беше што посебното корито што чешмата го полни со ладна планинска вода беше полно со лименки од пиво. Секој ставаше и земаше оладено пиво, или земаше иако не донел без никакво пререкување или ограничување. На високата планина со проблематичен пат пристигна и фамилија со дете нешто над годишна возраст. Музиката, веселбата и ората беа составен дел од Готенското муарабе, раскажува Мазгански.
Оваа година надвор од планираните активности било изведено и масовно капење во вир од планинската рекичка длабок над 1,5 метри.
-Капењето во вирот беше вистинско освежување од пиењето и превкусните мезелуци и храна. Посебно е карактеристично што организаторите обезбедија повеќе вреќи за смет, во кои по завршувањето на манифестацијата, беше собран целиот смет, натоварен на возило за да се донесе во контејнерите во Владимирово, заклучи на крај Мазгански и упати едно големо браво за организацијата на ЗВИС на чело со претседателот Бранко Ужески, како и одговорните служби, но и посетителите, кои ги имаше не само од Владимирово, туку и од други места на Малешевијата и земјава.
Готенското муарабе е составен дел од манифестацијата Владимирски Илинденски средби која годинава се одржува по деветти пат.