На нива по цел ден со маска и без групирање на работници, новите мерки ги погодија и земјоделците

Земјоделците стравуваат дека новите мерки за заштита од корона вирусот, како што се носење маска на отворено и забрането групирање можат да ги спречат во извршување на работите на поле. Но со оглед на фактот дека земјоделството е фабрика на отворено, а производството на храна не смее да запре земјоделците сами треба да проценат ризик и да видат каде има простор за дистанца, а каде треба да носат маска

1537

Голем дел од земјоделските активности се извршуваат на отворено, а поради природата на работата има и групирања на работниците, берба на јаболка, жетва на ориз, есенска сеидба…. Земјоделците стравуваат дека новите мерки за заштита од корона вирусот, како што се носење маска на отворено и забрането групирање можат да ги спречат во извршување на работите на поле. Но со оглед на фактот дека земјоделството е фабрика на отворено, а производството на храна не смее да запре земјоделците сами треба да проценат ризик и да видат каде има простор за дистанца, а каде треба да носат маска.
-Земјоделството е фабрика на отворено и како и во другите фабрики работата мора да се извршува, секако со почитување на мерките носење на маска и одржување дистанца онаму каде што е можно. Земјоделците сами треба да го проценат ризикот и да одредат каде треба да носат маски. Ако се само тројца на нива на три метра оддалеченост ризикот од пренесување на вирусот е многу помал. Така на пример кај јаболката редовите се оддалечени по четири метри, кај лозовите насади од два до три метри и да има поголеми групи работници нема опасност од ширење на вирусот. Онаму каде редовите се поблиски, како на пример кај поледелските работи мора да се носат маски, вели за весникот ВЕЧЕР, претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.
Таа смета дека кај семејните земјоделски бизниси каде што на поле работат само членовите на семејството не е неопходно носење маски, а оние, пак, кои работат во откупно-преработувачки центри и на помали ниви каде што редовите се позбиени, мора да се носи маска.
-И досега ние ги почитувавме препораките и одржувавме дистанца. Ние имаме малку хектари земја и работиме само јас, жена ми и понекогаш синот доаѓа да ни помага. Не можеш на нива по цел ден да носиш маска. Секако дека онаму каде има повеќе работници и кој се поблиску, како кај берба на пипер, домати треба да се носи маски и на отворено, вели Ацо, земјоделец од Скопско.
Министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа неодамна во интервју за весникот ВЕЧЕР изјави дека земјоделците треба да водат сметка за препораките кои се однесуваат на сите граѓани, а за да им помогне околу пласманот МЗШВ ќе ја интензивираме работата на алатката „Понуда-побарувачка“.
-Вториот бран од пандемијата доаѓа во време на есенската сеидба, жетвата на ориз, подготовки околу откупот на тутунот и пласманот на јаболката. Во сточарството сезоната е цела година, освен обезбедување на храна за добитокот, другото се тековни активности. Во вакви услови и земјоделците треба да водат сметка за препораките кои се однесуваат на сите граѓани. Овој период ќе ја интензивираме работата на алатката на МЗШВ, „Понуда-побарувачка“ со цел да им се помогне на земјоделците околу пласманот на производите. Оние земјоделци кои нема да можат сами да се запишуваат во системот, во нивно име тоа ќе го прават вработените во подрачните единици на министерството, изјави Хоџа.
Тој додаде дека активностите на МЗШВ ќе бидат во прогнозирање, превенирање и дејствување во интерес на земјоделците и на целокупниот аграр, бидејќи пандемијата уште еднаш ја потенцираше важноста на домашното производство на храна како најсигурно за сите граѓани.

(А.С.)