Работејќи во ателјето во својата куќа во Велес, адаптирано за изработување на виолини, Светозар Богданоски, самоук изработувач на виолини ја осознал и огромната важност да се има добар инструмент. 

„Со тек на време го запознавав инструментот и природата на тонот и тоа стана преокупација на моето интересирање. Открив една нова уметност која е попредизвикувачка за мене… и позагадочна“, вели Богданоски, чии виолини по својот квалитет и убавина им парираат на инструментите изработени од познатите светски мајстори

Светозар Богданоски од Велес, по вокација уметник, попрецизно сликар чија животна преокупација некогаш беше уметност, денес е светски познат изработувач на виолини на кои свират музичари со највисоко реноме. Всушност, тој е човекот, самоук, кој со своето мајсторство им конкурира на големите светски мајстори кои студирале изработка на виолини. Музиката, пак, вели отсекогаш му била вториот интерес во животот…

„Со тек на време го запознавав инструментот и природата на тонот и тоа стана преокупација на моето интересирање. Открив една нова уметност која е попредизвикувачка за мене… и позагадочна“, ја започна својата приказна за весникот ВЕЧЕР, Богданоски, кого неговите сограѓани го нарекуваат “велешки Страдивари“. Но, тој пред се е татко кој на своите деца кои покажале интерес да свират виолина сакал да им го овозможи најдоброто, во време кога како што вели, набавката на овој инструмент, а истовремено тој да биде добар, за него била незамислива…  Тогаш тоа било само идеја која додава, сега, гледано од оваа перспектива, било една илузија и амбиција која подоцна се претворила во реалност…

Од изработка на гитара, фокусот станала виолината

„Во младоста се занимавав со свирење на класична гитара, а гитарите… сам си ги изработував. Но, се тоа беше во рамките на аматеризам. Години подоцна, со потребите на семејството, поточно откако мојот син Костадин на седумгодишна возраст покажа афинитети да свири, а и мојата сопруга Марија е професорка по виолина, дојдов на идеја наместо гитара да правам виолина. Тешко е да се најде еден добар инструмент, тој е многу скап и не можев на времето ниту во теорија да замислам да набавам нешто такво. Тогаш почнав и да истражувам за формирањето и обликувањето на виолинскиот тон што претставуваше интерес на многу мајстори низ времето и сите го потрошиле својот живот истражувајќи го тој виолински звук. Секој стигнал донекаде, а дали го постигнал својот идеал, тоа останува отворено прашање. Во таа сфера на истражување влегов и јас како во една стапица и немаше назад, и до ден-денес го правам истото“, вели Богданоски.

А на неговите виолини кои тој предано ги изработува повеќе од 30 години, денеска не свири само неговиот син кој во меѓувреме стана концерт мајстор на симфонискиот оркестар во Барселона и неговата ќерка Фросина, која од неодамна е концерт-мајстор на симфонискиот оркестар на Клагенфурт, Австрија, туку и на голем број познати музичари од целиот свет.

„На некои и имињата веќе не им ги знам. Повеќето се први виолини на Виенскиот симфониски оркестар – Wiener Symphoniker, на мои виолини свират и виолинисти кои се членови на повеќе оркестри во Австрија. На мојата виолина свиреше и музичар од Aлбанија, финалист на натпреварот „Кралица Елизабета“, српскиот Роберт Лакатош кој победи на мојот инструмент и грчкиот виолинист Јониан-Илија Кадеса. Исто така и многу други имаат победено и свират на мојот инструмент. И во Америка има значајни виолинисти кои замениле многу скапи инструменти со мојот инструмент“, вели Богданоски. Дури и неговите внучиња, открива, свират на неговите виолини.

Дедо, колку виолини имаш изработено?

„Токму, синоќа внукот ме праша ‘Дедо колку виолини имаш изработено?’. Му кажав ‘не знам’, и навистина не водам статистика, таа е несвојствена за мене.

Не се занимавам со квантитет, не правиме производство туку на една виолина работам колку што е потребно. Некогаш се навраќаме и по неколку години. Креацијата на звукот е константна и неограничена и секогаш идејата може да биде надополнета и изменета. Тоа е многу битно и тоа е она што ме води да работам и да креирам. И не работам сам. Тука е и мојата сопруга Марија, професор по виолина и соработничката Татијана Мишева која е одличен мајстор“, потенцира Богданоски. Тој сепак, нагласува дека никогаш не му бил мотив да прави виолини заради комерција, туку за сопствени потреби.

„Ние се наоѓаме на географска локација каде немаме традиција за изработка на гудачки инструменти за разлика од Италија, Франција, Австрија, Англија,  Холандија… каде што постојат школи за учење за изработка на инструменти и каде тие имаат свое место во севкупниот уметнички и културен живот на општеството. Се одржуваат изложби, натпревари и во склад со тоа постојат разни ателјеа каде што се учи изработката.  Но и од другите региони има луѓе кои се самоуки како и јас. Тоа не е приоритет на оној кој има капацитет да учи сам. Мене така ми било дадено, да учам сам. Немав можности, немав увид во многу нешта. Немав можности да имам во раце инструмент како што е случајот на запад. Морав да се задоволам со многу скудни информации, но напредокот беше очигледен и во еден момент се одлучив да отидам на еден од големите натпревари во Америка, всушност на најголемиот светски натпревар и во два наврати добив медал за звук. Ова е многу важно бидејќи малкумина можат да се пофалат дека го добиле. Тоа ме стави на светската листа на мајстори со репрезентативна изработка и звук. Така, самите виолини си го направија своето. Добриот глас доаѓа од нив. А оние кои имаат потреба за добар инструмент го наоѓаат патот до моето ателје. Но, не исполнуваме желби и не работиме по нарачка, туку исклучиво само по принцип на идеја. Кога имам идеја да се направи нешто ново, тоа и го правиме. Имам свои согледувања и тој принцип не го менувам“, вели Богданоски, кои има изработено стотици виолини.

Интересно е и што неговата виолина била избрана да биде откупена на музичка академија во Италија, каде што учествуваат најдобрите изработувачи на виолини во светот. Импресивно, за еден човек кој потекнува од Македонија, да им парира на изработувачите од земјите со традиција. А неговите инструменти по убавина и квалитетот на звукот се надалеку познати, како и величествените копии на виолините изработени од славните мајстори како она на Гуарнери од 1727 година…

Го запрашавме и каде набавува материјал за изработката на виолините.

„Имаме среќа што Балканот е најдобро место, попрецизно Босна каде има локации на кои може да се најде поквалитетен материјал. Босанското дрво јавор  и смрека во светот важат за дрво со највисоки акустички дострели и задоволство е и луксуз да се работи со босанско дрво“, вели Богданоски.

Ниту пандемијата не го сопрела

Го запрашавме и колку пандемијата влијаела врз неговата работа.

„Пандемијата е несреќа за целото човештво, но ние ја поминав креативно, окупирани со она што го правиме во нашиот простор и речиси и да не ја забележавме во таа мерка како што човештвото го доживува. Работиме и понатаму на истражување на звукот, бидејќи нашата работа е потрага по убвиот звук и тука нема застој. Онолку колку што имаме време и енергија ние го правиме тоа“, додава овој сликар кој гради виолини. Но тој сепак наоѓа време и за сликарство. Одвреме-навреме.

„Сликарството е област која во светски рамки подзастана и како времето да ја прегази потребата од ликовни остварувања. Поривот и самото чувство е многу интимно околу потребите да се слика и одвреме-навреме тоа го правам само за себе. Уметноста е онолку квалитетна колку што е искрена и спонтана, така што уметникот не смее да западне во стапицата самиот да се плагијатира во бесконечност само затоа што е сликар по вокација“, вели за својот уметнички порив Богданоски, за кој музиката е сепак, најголем предизвик.

„Сè уште мислам дека во звукот имам што да истражувам и тоа се случува секојдневно. Тоа е она што уште ме исполнува и мислам дека ќе продолжи така се додека имам сили и енергија. Што се однесува до некакви други достижни или недостижни желби освен тоа што посакувам на поширок план, е поголемо спокојство за целокупно човештво. Пандемијата сите нè оптоварува, нè обременува и онеспокојкува и не прави да бидеме збунети и да не можеме во мир да го правиме она што сме го избрале“.

Работејќи во ателјето во својата куќа во Велес, адаптирано со соодветни приклучни елементи кои се потребни за изработување на виолини, тој ја осознал и огромната важност да се има добар инструмент.

„Добро изработен инструмент е многу важен за еден музичар. Повеќе од половина од она што го слушаме на сцената е инструментот. Затоа што ние ја памтиме бојата на звукот на инструментот и квалитетот на звукот.  Има многу квалитетни музичари, но кога ќе ги издвоите еден од друг ќе го издвоите не по квалитетот на свирењето, бидејќи го имаат изедначено, туку по бојата на звукот и квалитетот на инструментот“ додава Богданоски.

Токму тоа, вели за крај на нашиот разговор Богданоски, „е и причината и магијата поради која сме толку ориентирани кон производство на добриот звук“.  (Д.Т.)