EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Сите љубители на НБА лигата го паметат Џон Вол како фантастичен плејмејкер со кој Вашингтон направи големи успеси. Беше драфтуван како прв пик во 2010 година, а во дресот на Визардс го покажа сиот свој потенцијал и пет пати беше учесник и на Ол-стар мечевите. Сè одеше како што замислуваше, но сè се смени пред пет години.

Во јули 2017 година потпиша четиригодишен договор вреден 170 милиони долари, за во декември истата година да ја доживее првата од серијата сериозни повреди. Беше трејдуван во Хјустон, таму не се снајде, а сега е во ЛА Клиперс. Многумина го заборавија, а во таа прилика напиша потресна исповед за „Players Tribune“ под наслов „Јас се уште сум тука“. Тој откри низ што поминал, како паднал во депресија и како сакал да се самоубие…

  • Се се случи толку брзо во период од само три години. Бев на врвот на светот и тогаш за малку ќе изгубев се. Во 2017 година скокнав на масата на која беа новинарите откако со Вашингтон успеавме да се избориме за седми меч со Бостон. Бев крал на градот. Добив максимален договор, бев убеден дека ќе играм таму до крајот на мојот живот. Една година подоцна ја скинав ахиловата тетива и изгубив се што имав – кошарката. Имав сериозна инфекција по операцијата, за малку ќе мораа да ми ја ампутираат ногата. Една година после тоа ја изгубив мојата најдобра пријателка, мајка ми, која почина од рак на дојката, проговори Вол.

Потоа продолжи да опишува како изгледало сето тоа во тие моменти кога мислел само на својата мајка.

  • Бев во Шарлот, работев на опоравување, стигнавме до хотелот и потоа добив повик велејќи: „Твојата мајка почина, но лекарите успеаја да ја вратат во живот и да ја стават на респиратор, треба да дојдеш како што поскоро“. Целосно полудев, искршив се во хотелот, ТВ, огледала, баш се. Во тие моменти навистина се зближив со Бред, тој дојде во мојата соба и беше таму во најтешкиот момент од мојот живот. Ме однесоа во нејзината болница таа вечер, кога влегов во собата и ја видов на респиратор, градите и се креваат и паѓаат, се онесвестив. Кога се разбудив, целото семејство беше околу нејзиниот кревет, таа беше во кома, очите и беа затворени. Беше многу доцна, луѓето почнаа да заминуваат, јас и сестра ми останавме. Не можеше да зборува, само плачеше, солзи и течеа по лицето. И реков: „Ти благодарам, ти благодарам што си наша мајка“. Потоа некој ја отвори вратата од собата, таа ги затвори очите и никогаш повеќе не ги отвори. Три ноќи бев покрај нејзиниот кревет и ја држев за рака. Четвртата ноќ таа почина, додава Вол.

Поради целата таа ситуација, Вол не можел да се врати во нормала. Постојано размислувал за неа, па паднал во депресија. Му доаѓале црни мисли, сакал да си го одземе животот. Да не бил еден човек од неговата околина, којзнае како ќе завршело се.

  • Мислите ми беа црни. Размислував која е поентата на животот, ја нема, нема кошарка. Да имаш пари и слава не значи ништо ако немаш мир во животот. Заедно со сето тоа се шпекулираше за трејд, франшизата на која и дадов 10 години од мојот живот ме трејдува. Не долго после тоа, западнав во депресија, почнав да размислувам: „Можеби е подобро ако ме нема“, заврши Вол, кој на крајот успеа да се извлече од тешката ситуација и да продолжи повторно со кошарката.