Модерна ќе и достави на Африканската унија 110 милиони дози вакцини

17

Компанијата Модерна денеска соопшти дека ќе и достави на Африканската унија (АУ) 110 милиони дози од својата вакцина против коронавирус, а првите 15 милиони се очекува да бидат испорачани до крајот на годината.

Дозите беа „понудени по најниската цена на Модерна, во согласност со нејзините обврски за глобален пристап“, се вели во соопштението на американската компанија.

Африканската унија купува вакцини против коронавирус од различни производители за да ги зајакне напорите за вакцинација на земјите-членки.

Претставникот на АУ за коронавирус Стрив Масијива ја поздрави најавата на Модерна.

Масијива рече дека, АУ досега дистрибуирала 17 милиони дози вакцини против коронавирус и уште 35,2 милиони ќе бидат доставени во следните три недели.

Само околу пет отсто од популацијата на Африка која брои 1,3 милијарди луѓе, се целосно вакцинирани. За да се достигне 60 отсто, се проценува дека ќе бидат потребни околу 1,6 милијарди дози.