Модерен спортски комплекс ќе никне до училиштето во Синѓелиќ

141

Современ стадион и детско игралиште ќе никне на постојното зеленило во близина на дворот на основното училиште „25 Мај“ во населба Сингелиќ. Деновиве се отпочнати работите на расчистување на теренот за реализација на овој проект чиј инвеститор е општина Гази Баба.

Архитектот на проектот, Енис Георгиус појаснува дека овој зелен простор, кој е запуштен со урнисани спортски терени, низ него поминуваат жители само кога одат до блискиот маркет на следната улица, или го користат деца за играње, ќе прерасне во модерен спортски комплекс.

– Постојните спортски терени ќе се реконструираат и се додаваат две нови игралишта за фудбал на отворено и затворено, стадион за кошарка и тоа со професионални подови, игралиште за деца и мултинаменски објект за разладување, за следење натпревари. Ќе се изгради и зграда за соблекувална со тушеви и тоалети – вели Георгиус.

Реконструираните терени ќе ги користат учениците од ОУ „25 Мај“ каде наставата се одвива на албански јазик. Георгиус вели дека дворот ќе биде поплочен со бекатон плочи, а постојната ограда која моментално е со искинати жици и на некои места има дупки, ќе биде тргната.

– Детското игралиште ќе биде достапно за сите деца од населбата. Ќе биде поставена и друга урбана опрема како клупи, фонтани, канделабри и урбано зеленило – вели Георгиус.

Спортските терени ќе бидат функционални и осветлени и во вечерните часови и придружени со тоалети и соблекувални, а ќе се задоволат и потребите на професионалните фудбалски играчи. Постарите генерации ќе можат да ја задоволат потребата за рекреативна и спортска активност, како и следење на натпревари.

(С.Бл.)