Мијалков во Шутка, осуден на 12 години затвор

2060

Нема недопирливи, нема селективна правда, порача судијката Џенета Бегтеговиќ, откако ја соопшти пресудата за случајот „Таргет-Тврдина„. Екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, првообвинет во случајот „Таргет-тврдина“, кој се однесува на масовното нелегално прислушување на над 20 илјади граѓани, е осуден на 12 години затвор. Мијалков беше обвинет за делата „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. По соопштувањето на пресудата, Мијалков веднаш беше спроведен во затворот во Шутка, откако судечкиот совет, по  барање на обвинителката Ленче Ристовска, одлучи Сашо Мијалков да замине во затворски наместо во куќен притвор. Може да се жали, но жалбата не го одлага спроведувањето на решението.

„Се укинува мерката куќен притвор. Се определува мерка притвор до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена. Против него е поднесен обвинителен предлог, па согласно Законот за кривична постапка , притворот може да трае најмногу 60 дена“,рече судијката Џенета Бегтовиќ.

Обвинителката Ристовска бараше ефективен притвор од неколку причини. Една од нив е тоа што МВР испратило известување дека не поседува техничка опрема за 24-часовен видео и електронски надзор.

„Понатаму, од Европол потврдени се податоците дека има дозвола за престој и регистрирана адреса во Прага, Чешка, каде што има и две возила на свое име, а предлагам да се цени и фактот дека се работи за човек кој е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, исто како и членовите на неговото семејство и сето тоа му овозможува да организира логистика и комотно да живее во странство”, рече Ристоска доставувајќи му на судот извештај од тековните состојби на фирмите на Мијалкови.

Љупчо Шврговски, адвокатот на Сашо Мијалков, по пресудата за „Таргет Тврдина“, рече дека казната за клиентот е драконска и дека основата за притвор е незаконска.

-Во однос на одлуката на судот за притвор, мислиме дека е спротивнa од законот, бидејќи при определена мерка домашен притвор, без притоа да биде повредена обврска, да се донесе мерка притвор, сметаме дека е спротивно на член 470, бидејќи Мијалков е обезбеден, се наоѓа во домашен притвор, и не може да се даде во бегство“, рече Шврговски.

 

Највисоки казни за Грујевски и Бошковски

 

Основниот кривичен суд Скопје за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.

Највисока казна затвор од по 15 години добија поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, и екс-вработеникот во УБК, Никола Бошкоски, кои избегаа од земјата.

Казна затвор од 6 години доби поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, за кого обвинителството исто така побара мерка ефективен притвор. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, беше осудена на казна затвор во 4 години, а началничката Надица Николиќ 3 години. Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски, Силвана Златова, Васко Исакоски и Валентина Симоноска добија условна казна од 2 години.

Во завршните зборови обвинителката Ленче Ристоска кажа дека Мијалков, Грујевски и Николиќ свесно и со намера ја формирале групата која го вршела прислушувањето и му порача на судот дека не смее да прости.

После пресудата за „Таргет-Тврдина“ Ристовска рече дека Обвинителството е задоволно од пресудата.

„Во целина задоволни сме од пресудата затоа што се потврдија сите наводи од обвинителството. Во однос на притворот, сметавме дека постојат основи за притвор, бидејќи постојат опасност за бегство, а денеска елабориравме дека имаше и други најави дека може за бегство, дозвола за престој во друга држава, мерката куќен притвор не може да се спроведе, и сето тоа доведено во корелација. Кај нас го реафирмираа ставот дека постојат околности за притвор“, рече Ристовска.

Таа истакна дека таа и обвинителот Пеливанов не биле тие обвинители кои имале информација во петокот дека Мијалков ќе бега.

„Со предметниот обвинител, не сме имале информации во петокот за Мијалков. Ние ако имавме уште во петокот ќе побаравме, како што беше јавноста, првите информации во саботата вечерта, веднаш штом направивме проверки, реагиравме. Не се точни информациите дека ние двајца сме имале податоци. Тоа треба да го прашате министерот што сакал да каже“, рече Ристовска.

Обвинителството во неделата бараше притвор за Мијалков поради добиени информации дека се подготвува за бегство. Судот, наместо притвор, тогаш му изрече куќен притвор со 24-часовен надзор, но во попладневните и вечерните часови во неделата не можеше да го пронајде за да го му го врачи решението.

Надлежните во понеделникот распишаа и меѓународна потерница, но по два дена, во вторникот попладне, ексшефот на УБК сам се пријави во Обвинителството за да го подигне решението. Рече дека не знаел дека го бараат бидејќи се изолирал поради, како што изјави сам, температура од 40 степени. Околу три часа тој се задржа во Обвинителството, а оттаму беше однесен во домашен притвор.

 

НАЈГОЛЕМА АФЕРА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ

Во образложението на пресудата, во петокот беше истакнато дека кривичните дела биле извршени од структурирана група, без чие заедничко дејствување не би можело да се изведе кривично дело од таков обем. Беше посочено дека овој случај е поука за сите високи функционери и носители на службени овластувања, а во прилог на заштита на правниот поредок и заштита на човековите права и слободи.

Во текот на судската постапка вкупно беа сослушани 123 сведоци, 807 материјални докази, 217 оштетени.

Ова е една од најголемите афери за прислушување во земјата, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски, кога без судска наредба  биле следени 4.286 телефонски броеви, односно разговори на над 20.000 граѓани – политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители, бизнисмени, верски лица, академици, градоначалници и други личности од политичкиот и јавниот живот.

НЕМАЛО СТРАНСКИ СЛУЖБИ, СЀ СЕ СЛУЧУВАЛО ВО УБК

Судот во текот на оваа постапка во целост го почитуваше правото на одбраната и тезата дека прислушувањето се вршело од надвор од странски служби, но ваквите наводи не се докажаа, бидејќи доказите укажуваат дека прислушувањето се вршело со легална опрема во просториите на УБК. Ова пред изрекувањето на пресудата го соопшти  вториот судија, Владимир Туфегчиќ, кој постапува во случајот „Тврдина-Таргет”.

Судијата посочи дека во текот на постапката се анализирани наводите дека дел од обвинетите се опфатени со амнестија, но во оваа фаза на изрекување на првостепената пресуда амнестијата не произведува правно дејство, односно не е процесна пречка за понатамошно водење на провостепената одлука.