Поранешниот македонски ракометен репрезентативец Филип Миркуловски, потпиша нов договор со екипата на Вецлар, според кој во следната сезона ќе биде играч-тренер во овој германски прволигаш. Според договорот, Миркуловски ќе биде „стендбај“ ракометар, а поголемо внимание ќе посвети на работата во стручниот штаб и печењето на тренерскиот занает.

Сезоната 2020/21 воедно ќе биде и последна за Миркуловски како ракометар, по што тој ќе остане да биде дел од стручниот штаб во Вецлар.

-На моја возраст, нормално е да се мисли што ќе се прави по завршувањето на играчката кариера. Затоа, благодарен сум што Вецлар ми даде шанса да работам и да имам нова улога во клубот. Пет години сум овде, со семејството се чувствувам како дома и затоа без многу размислување ја прифатив понудата. Имам работено со Лино Червар, Каи Вандшнајдер и со многу тренери, сега своето знаење ќе го пренесам на помладите ракометари, изјави Миркуловски.