Министерот Исмаили на „Форумот на словенските култури” во Санкт Петербург

93

Со Меѓународната конференција „Културните рути на словенскиот свет на мапата на Европа”, денеска во Санкт Петербург започна специјалната програма на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури” во рамките на Oсмиот санктпетербуршки форум.

Во своето поздравно обраќање, министерот за култура Хусни Исмаили го истакна значењето на Меѓународниот културен форум во Санкт Петербург, како глобален културен настан, како за руската култура, така и за културите на другите народи во светот.

Тој додаде дека е од особено значење и фактот што годинава специјален гостин е Меѓународната фондација „Форум на словенските култури”, која веќе 15 години ги промовира и ги афирмира особеностите на словенските народи, обезбедувајќи фреквентна комуникација на словенската и на другите култури, соопшти Министерството за култура.

Исмаили додаде дека Република Северна Македонија, како една од земјите основачи на Форумот на словенските култури, е дел од речиси сите досегашни активности кои се голем придонес за словенските земји бидејќи ги афирмираат културните различности, ја поттикнуваат соработката и овозможуваат планирање на една висококвалитетна развојна политика која е во полза на словенските држави.