Миленицата на летното здравје – нејзиното величество лубеница

248

Не постои подобро нешто за гаснење жед во врелите летни денови од лубеницата.

Често за неа велиме дека е овошје, ама, всушност, лубеницата е зеленчук и му припаѓа на семејството тикви.

Иако понекогаш може да се најдат и во текот на целата година, сепак, најдобро е да се јадат во лето бидејќи тогаш имаат најмногу хранливи состојки.

На 100 грама лубеница има само 30 калории, таа содржи многу вода, која во лето е многу важна за организмот, а истовремено е богата со витамините Ц и А, со калиум и магнезиум.

Иако сите сакаат студена лубеница, со нејзиното чување во фрижидер таа губи некои својства како ликопенот, кој ефикасно штити од болести. Сепак, Иако, ако е веќе еднаш пречесена, препорачливо е да се чува во фрижидер.

Високиот процент на витамин Ц во лубеницата го зајакнува имуниот систем и го скратува времето на оздравување од болести, ама и го смалува ризикот од срцев удар и рак. Цитрулинот, аминокиселина со која е богата лубеницата, во телото се претвора во аргинин, кој е клучен за добра циркулација на крвта.

Лубеницата е добра за опуштање и обновување на енергијата по физичка активност.

И кората  не е за фрлање

Иако кората од лубеницата најчесто се фрла, стручњаците велат дека, всушност, во неа се наоѓаат најмногу витамини и хранливи материи како витаминот А, Б 6 и Ц, како и калиум и магнезиум.

Со оглед на тоа дека кората не е претерано вкусна, можете да ја исечкате на парчиња и да ја додадете во салата од туна или пилешко, само претходно треба убаво да ја измиете.

Семките, пак, се лек за бубрези

Семките во лубеницата, кои исто така најчесто се фрлаат, може да се јадат! Во Кина се пржат и се јадат како грицки! Тие се здрава состојка која се употребува за лечење на бубрезите.

Чајот од свежи семки од лубеница е одличен диуретик, а може да се приготви така што четири лажици свежи семки од лубеница, се дробат и се варат 15 минути во два децилитри вода. Тоа количество чај се пие во текот на 2 дена, а третиот ден се прави пауза. За подобро дејство, чајот се пие неколку недели.