Дисциплинската комисија на АБА 2 лигата му изрече парична казна во висина од 15.000 евро на македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, плус еден натпревар на домашен терен без публика.

Санкцијата од регионалното натпреварување доаѓа поради инцидентот на средбата од 16.коло со Сутјеска во СЦ „Јане Сандански“ кога во неколку наврати беа навредувани и плукани судиите и службените лица.

Во меѓувреме кошаркарите на тренерот Ѓорѓи Кочов, го претрпеа и петтиот пораз во лигата сезонава. „Металците“ се поразени на домашен терен од екипата на Сплит со 95:85.

  • Направивме многу пропусти во одбраната во првото полувреме. Добро го контролиравме натпреварот, но во клучните моменти ја немавме вистинската игра во одбраната. Сплит е одличен тим со талентирани кошаркари. Ги понесе и атмосферата на овој меч, а ние застанавме за момент. Примивме 98 коша, а промашивме 13 слободни фрлања. Со толку промашени слободни не можеш никого да победиш, истакна Кочов.

Бојан Крстевски со 18 поени беше најпрецизен во редовите на аеродромци, Дамјан Стојановски постигна 17 поени, а двоцифрени беа уште и Ѓорѓе Милошевиќ со 15, Ерон Харис со 11 и Џабари Хиндс со 10 коша.

Тимот на МЗТ Скопје е втор на табелата со 29 бода, еден помалку од Борац од Чачак, кој допрва треба да го одигра својот натпревар од 17. коло. Нареден противник на „металците“  е Хелиос Домжале на 30 јануари во Скопје.