МЕТОД ОД ВРЕМЕТО НА ЕГИПЌАНИТЕ СЕ ПРИМЕНУВА И ВО МАКЕДОНИЈА – ВО ГЕВГЕЛИЈА НА АПИТЕРАПИЈА СО КРИЛЕСТИ ФАРМАЦЕВТИ!

820

 

 

Инхалаторната апитерапија била позната уште во времето на Египќаните. Апикоморите всушност претставуваат мали лаборатории за производство на воздух богат со аеросоли, како мешавина од повеќе еколошко чисти и здрави елементи од пчелното семејство, кои се вдишуваат од страна на човекот. Пациентите ја примаат оваа терапија во специјално изработени апи куќички – комори. Пчелите, преку вентилирање или едноставно движење на крилцата, испарувањата од овие материи ги мешаат и ги распрскуваат во ситни аеросоли во воздухот во внатрешноста на кошницата. Вдишувањето на аеросолите и аромите од пчелната кошница, освен за подобрување на состојбата со дишните патишта, има значаен ефект и врз психофизичката состојба на луѓето. Инхалаторната апитерапија дејствува смирувачки, релаксативно и ослободува од стресот акумулиран при секојдневието. Зуењето на пчелите во сандачињата има значаен ефект и на психофизичката состојба на човекот.

                                                                                         Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

Во последниве години сè повеќе стануваме свесни и ја сфаќаме огромната улога, со тоа и огромната важност на пчелите, не само за нас како поединци, туку општо, за целиот живот на планетата Земја. Медот, уште познат  и како еликсир на животот е најздравата храна, со најлековити својства како за возрасните така и за децата,  а научниците му припишуваат антибактериски, антисептички и антиоксидантни својства.

Зајакнувањето на имунитетот, како еден од основните предуслови за спречување на појава на болести, особено за време на пандемија, го зголеми интересот за можностите што ни ги нуди природата, односно пчелите и медот. Една од нив е апи-терапијата, односно лекување и превенција на болести со помош на пчелни производи. Со Апи-терапија во моментот во светот се лечат над 300 милиони луѓе.

Светските трендови се следат и во нашата држава. Медот, поленот и прополисот се веќе познати корисни пчелни производи. Но, малку се знае дека и воздухот што го создаваат пчелите околу нивните сандаци е лековит. Таканаречената „терапија со пчелин воздух” се спроведува во специјални АПИ-комори и е полезна за секој човек, а особено во случај на белодробни заболувања.

За да дознаеме нешто повеќе за оваа терапијата, ја посетивме првата Апи-комора отворена во Гевгелија, Апи-комората Алчинов, која е во сопственост на Кристијан Алчинов, млад пчелар кој успешно ја има завршено сертифицираната обука „Пчелар за основно пчеларење на одржлив начин”, применувајќи ги биотехничките методи. Таа располага со вкупно 5 пчеларници, 2 стационарни и 3 селидбени, 1 оплодна станица за пчелни матици, 1 едукативен пчеларник и апи-тераписки центар Ристо Алчинов, кој се наоѓа во Гевгелија на патот кон село Мрзенци, каде што и е стационирана апи-комората и honey shop.

Дента кога екипата на весникот ВЕЧЕР ја посети  пчеларската фарма „Алчинов“, имавме можност да присуствуваме и на потпишувањето Меморандум за соработка меѓу Здружение на пчелари АПИТОКСИН – Гевгелија и Здружение на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран, во чии рамки преку заеднички активности ќе бидат мапирани проблемите и предизвиците на засегнатите групи во заедницата со цел заедничко дејствување и активизам при нивното решавање.

Што е всушност апи-терапијата и од кога почнавте да ја применувате?

„Идејата и концептот го развивме заедно со мојот брат, Бруно Алчинов. Во 2020 година, одлучивме да го почнеме проектот апи-тераписки центар, каде што би биле достапни и друг тип на услуги и производи од вредните пчелки, а тоа е апи-инхалација, вдишување на пчелниот воздух. Во 2022 година, на 10 јули, ја отворивме  вратата на апи-комората, првата фаза од апи-центарот, каде што во моментот имаме три инхалаторни станици и капацитет од тројца пациенти истовремено да се инхалираат. Апи-терапискиот центар го носи името на мојот дедо, Ристо Алчинов, кој почина во јануари 2022 година, на 91-годишна возраст, кому му должиме огромна благодарност што ни ја продолжи нашата фамилијарна традиција и ни го пренесе искуството и знаењето кое го поседуваше чувајќи пчели повеќе од 70 години. Инаку, нашата апи-комора е петта од овој вид во Македонија, само што ние направивме иновација со ставање на пчелните сандаци надвор од објектот.

Инаку, апитерапијата е дел од холистичката медицина и вклучува употреба на мед и други пчелни производи во превенција и третман на болести. Зборот apitherapy потекнува од зборот api – што на латински значи пчела, првенствено се однесува на пчелата Apis Mellifera, а зборот терапија е од француско потекло и означува метод на лекување со луѓе или животни кои страдаат од разни болести. Но, денес под апитерапија не се подразбира само едноставна терапевтска метода, туку и различни начини на примена на пчелите и пчелните производи во медицината.

Инхалаторната апитерапија била позната уште во времето на Египќаните. Познато е и тоа дека пчеларите додека на пчеларникот работат операции поврзани со отворање на кошниците, особено во пролетните и летните месеци, се чувствуваат многу пријатно и добро. Терапијата се состои од вдишување на аеросоли, кои се мешавина од повеќе корисни и здрави елементи од пчелното живеалиште, како што се прополисот, нектарот, етеричните масла, флавоноидите, медот, восокот, матичниот млеч, поленот и други лековити материи. Пчелите, преку вентилирање или едноставно движење на крилцата, испарувањата од овие материи ги мешаат и ги распрскуваат во ситни аеросоли во воздухот во внатрешноста на кошницата. Вдишувањето на аеросолите и аромите од пчелната кошница, освен за подобрување на состојбата со дишните патишта, има значаен ефект и врз психофизичката состојба на луѓето. Инхалаторната апитерапија дејствува смирувачки, релаксативно и ослободува од стресот акумулиран при секојдневието. Зуењето на пчелите во сандачињата има значаен ефект и на психофизичката состојба на човекот. Инхалаторната терапија влијае релаксирачки и ослободува од секојдневните стресови.“

 

За какви заболувања може да се користи апитерапијата?

Апитерапијата помага кај лица со заболувања или потешкотии како што се: астма, бронхитис, алергии, хронични болести на белите дробови, ослабен имунитет, инфекции на дишните патишта, мигрена и хронична главоболка, проблем со синуси, кардиоваскуларни заболувања, стрес, депресија и постковид закрпнување. Пчелите, тие крилести фармацевти, произведуваат еколошки производи, кои не може да ги произведат ниту хемичари, ниту технолози или фармацевти. Во еколошките живи лаборатории пчелите создаваат производи што поседуваат би рекол неверојатни особини.

Како се прима оваа терапија?

Пациентите ја примаат оваа терапија во специјално изработени апи куќички – комори. Тоа се специјално направени дрвени куќички од еколошки материјали и се наменети токму за апитерапијата. Кошниците на пчелите се вградени до ѕидовите на апи комората и од нив директно преку специјални маски се вдишуваат сите аеросоли кои ги испуштаат пчелите кои се богати со прополис,мед,восок и други ароматични материи. Најефективен период за инхалациска апитерапија е од април до септември. Нема возрасна граница за секој што ќе сака да ја користи терапијата во апи-коморите, што значи дека е безбедно и за бебиња и за највозрасните. Најдобар термин за да се дојде на апитерапија е помеѓу мај и август кога пчелите се најактивни и кога има голем внес на нектар и полен во кошниците. Нашата апи комора има и посебни филтри и за оние кои се алергични на полен да можат да го искористат бенефитот на аеросолите од медот и прополисот, а да немаат последици.“

 

 Колку терапии се препорачуваат за да се постигне саканиот ефект?

За ефективна терапија се препорачуваат 10 последователни терапии во траење од 20-30 минути. Бидејќи станува збор за природен метод, апиинхалацијата може да се повторува во зависност од потребата на клиентите. Со користење и консумација и на останатите пчелни производи како медот и прополисот,со сигурност ќе се даде одлични резултати за општото физичко здравје и за благосостојбата на целиот организам. Еднонеделен третман со секојдневно вдишување во време од еден час, значително ќе ги намали проблемите со дишењето. Докажано е дека инхалацијата го зголемува дишниот капацитет за 40%. Освен за болни лица, апи-терапијата се препорачува и за лица кои едноставно сакаат да се опуштат или внимаваат на своето здравје, лица кои се занимаваат со спорт, работници кои работат во фабрики и погони поврзани со тешки метали, штетни испарувања и др. Апи-коморите всушност претставуваат мали лаборатории за производство на воздух богат со аеросоли, како мешавина од повеќе еколошко чисти и здрави елементи од пчелното семејство, кои се вдишуваат од страна на човекот.

Гласен поборник си за развојот на апитуризмот во Гевгелија. Што сè може да понуди апитуризмот?

Решени сме во нашата пчеларска фарма Алчинов сериозно да се занимаваме со пчеларството и да живееме од тоа, Затоа, се трудиме постојано да внесуваме новини во нашиот бизнис.  Користиме секоја можност да научиме и да дознаеме нешто ново. Во организација на локалното здружение на пчелари, апитоксин, одиме на студиски посети кај пчелари во земјата и во странство, учествуваме на меѓународни натпревари и саеми, со цел да се разменат искуства и со идеја како да го поврземе туристичкиот потенцијал на нашиот регион и пчеларството. Гевгелија ја има планината Кожув, преполна со ливадски пасишта, дабови шуми и ретки лековити билки, кои го даваат уникатниот гевгелиски мед. Центар на апи- туризмот во овој дел од Европа е Словенија, од каде и ние учиме. Се работи за алтернативна медицина која ги користи лековитите својства од работата на пчелите. Бенефитите се големи, терапијата се  препорачува за болести на респираторниот систем, а особено сега кога многумина се соочуваат со проблеми по прележување на ковид-19. Секојдневно низ нашиот крај поминуваат голем број посетители – домашни и странски , па затоа зошто да не го развиеме апи-туризмот како една доходовна гранка. Затоа решивме да ја збогатиме нашата понуда со дегустација на лице место, во самиот пчеларник, обиколка на пчеларникот и инхалација во апи комората.“

 Планираме и третман со убоди од пчели

„Овие месеци, до крајот на училишната година ќе реализираме повеќе едукативни предавање за учениците од основните училишта, што е дел од програмата за работа на здружението на пчелари АПИТОКСИН од Гевгелија. Целта е учениците од општина Гевгелија да ги запознаеме со основите на пчеларството и значењето на пчелата, максимално да ја заштитиме автохтоната македонска медоносна пчела и да внимаваме на еколошкото ниво на нашата околина, со што би го превенирале изумирањето на пчелите. Имаме многу идеи, само треба трпение и развивање на ова што сега го имаме. Понатаму, зошто да не, планираме овој  апи-терапискиот центар да има во својата понуда третман на убоди од пчели, мали куќички полни со пчелин воздух за преспивање на пациентите и апи-велнес услуги, кои би вклучувале масажа на телото со мед, млеко и етерични масла, како и вендузи терапија. Продолжуваме и понатаму со активно производство на сите пчелни производи., мед, прополис, полен, восок, матичен млеч, перга, пчелин отров, пчелни роеви и матици.“

 Пчеларска традиција на Алчинови

Интересна е приказната за семејната пчеларска традиција на Алчинови, која ни ја раскажа самиот Кристијан.  Таа започнува во далечната 1878 година во село Старо Конско, Кожув Планина, од прапра дедото на Кристијан, Ристо Алчинов (1858-1963), кој на својата 20-годишна возраст „уловува“ диви пчели и ги населува во примитивни улишта – трмки. Оттука, неговиот син, пра-дедото Трајко Алчинов (1905-1993), продолжува со одгледување на пчелните семејства, дури и по преселбата во Гевгелија, ги одржувал пчеларниците и во селото и во градот, се до 1960 година, кога од Германија ги носи првите Дадант-Блатови кошници, современи улишта со подвижни рамки и зголемено производство. Медот и пчелните продукти, кои ги произведувала домашна пчеларска фарма, биле пласирани како на локалниот Гевгелиски пазар, во неговиот дуќан во старата Гевгелиска чаршија, а често продавал и на странците кои поминувале со воз низ Гевгелиската железничка станица. Дедото на Кристијан, Ристо Алчинов (1930-2022), син на прадедото Трајко Алчинов, имено главен санитарен инспектор на Гевгелија во СФРЈ, продолжува со пчеларството со околу 150 пчелни семејства и развива уште 2 пчеларника и применува почетна номадска техника на селидбено пчеларење, т.е. преселба на пчелните семејства на испаша. Кристијан и Бруно Алчинови, како петта генерација пчелари во фамилијата, активно и професионално вклучени во пчеларската дејност од 2017 година, ја дооформираат „Пчеларска Фарма АЛЧИНОВ“, со комплетно производство на сите пчелни продукти.