Од Луис Хамилтон се уште нема нути трага, ниту глас. Новиот претседател светската автомобилистичка федерација, Мохамед Бен Сулајем, објави дека конечниот извештај за контроверзната трка во Абу Даби ќе биде направен дури на 18 март, два дена пред првата трка од новата сезона, која стартува во Бахреин.

Седумкратниот шампион е незадоволен од случувањата и одлуките на директорот Микеале Маси, кој со своите одлуки ги прекрши правилата и му дозволи на Макс Верстапен во последниот круг да го претекне Хамилтон и со тоа да ја освои својата прва титула.

Хамилтон има договор со Мерцедес и за 2022 година, но не е исклучена можноста повеќе да не го гледаме во најбрзиот октански циркус во светот.

Наводно, во договорот нема клаузула според која Хамилтон може да се збогува на крајот на сезоната, поради што германскиот тим би можел да го тужи.

Претходно и Тото Волф ја најави можноста Хамилтон да се збогува со што „сребрените стрели“ би ги довел во незгодна ситуација.

Доколку остане во Формула 1 во 2022 година, тоа ќе биде десетта сезона за Хамилтон во Мерцедес со кој освои шест од седумте светски титули.