Маркова Река станува депонија

313

По течението на Маркова Река забележани се неколку депонии на нејзиниот брег, а граѓаните се загрижени дека на реката ѝ претстои еколошка катастрофа ако навреме не реагираат надлежните.

– На патот од Пинтија покрај „Охис“ во Горно Лисиче постои сепарација која го има узурпирано коритото на Маркова Река, се фрла шут и отпад, и коритото е значително намалено. По последните дождови реката се излеа од коритото и ги поплави посевите на околните ниви, и исто така постои голема опасност од поткопување на железничката пруга и предизвикување на катастрофа. Состојбата е токму ваква, доколку има надлежни – вели Кире Тошевски, кој објави фотографии на Фејсбук.

Јелза Накова посочува дека узурпацијата на Маркова Река е уште од Маркова Сушица.

– Септичките јами, ѓубрето… а посебно што се сечат дрвјата по течението – вели таа.

Во долината на Маркова Река се вливаат нејзините три помали десни притоки Умовска, Цветовска Река и Батинчица. Протекувајќи крај селата Варвара и Батинци, непосредно кај Драчево, Маркова Река навлегува во Скопската Котлина и течејќи низ својата алувијална рамнина во Скопското Поле, близу населбата Горно Лисиче се влева во реката Вардар и ја загадува нашата најголема река.

За жал, ситуацијата не е подобра ни со другите речни корита низ градот, како и низ Македонија.

(С.Бл.)