„Клучна инспиративна фигура ми е великанот на македонската книжевност, академик Анте Поповски, па затоа интертекстуално се повикувам на неговата поезија како љубов кон Македонија, меѓутоа низ еден женски пристап, низ своја женска перспектива“, изјави поетесата Марина Мијаковска, која ја доби плакетата „Даница Ручигај“ за стихозбирката „Коскена“. Наградата е доделена во рамки на книжевниот настан во ДПМ посветен на творештвото на македонските жени-писателки

„Стихозбирката ’Коскена’ во себе ја носи љубовта кон Македонија и македонската култура. Клучна инспиративна фигура ми е великанот на македонската книжевност, академик Анте Поповски, па затоа интертекстуално се повикувам на неговата поезија како љубов кон Македонија, меѓутоа низ еден женски пристап, низ своја женска перспектива. Идејата на ‘Коскена’ е дека секогаш кога нè кршат и го кршат нашиот идентитет треба да бидеме цврсти како коската“, изјави поетесата Марина Мијаковска, на која во Друштвото на писателите на Македонија ѝ беше врачена наградата „Даница Ручигај“ за 2019 година. Таа посочи дека ѝ е особено драго што нејзината стихозбирка „Коскена“, во издание на „Дијалог“ од Скопје, ја добива оваа награда востановена од ДПМ. „Оваа книга ја работев со многу голема љубов и сметам дека создавам женско писмо кое навистина остава книжевни траги. Драго ми е што оваа награда се доделува на жена авторка и е воедно награда за женско поетско писмо“, рече Мијаковска, на која ова ѝ е петта стихозбирка, а досега ги има добиено и Карамановата награда, „Бели мугри“ и Македонска книжевна авангарда. „Иако пишувам и други жанрови (проза и научни трудови) љубовта кон поезијата ми е прва љубов и затоа ми значат поетските награди. Поезијата е нешто што длабоко го носиме во нашиот его простор и во нашата душа…“, додаде Мијаковска која е и доктор по филолошки науки.

Свеченото врачување на плакетата „Даница Ручигај“ се случи во рамки на книжевниот настан во ДПМ, посветен на творештвото на македонските жени писателки „Македонско женско писмо: отворени прашања“ каде што на отворена трибина зборуваа професорите од Филолошкиот факултет Весна Мојсова-Чепишевска и Димитар Пандев.

„Сакам да се осврнам на женскиот поетски стимул во македонскиот 19 век, имајќи предвид две основни современи лингвистички теории, теоријата на стимул-реплика која во нашата средина ја промовира Блаже Конески, и теоријата за расчленување на комуникацискиот канал, особено на испраќачот на пораката што е особено популарна во маркетингот. Имајќи ги предвид овие теории јас им се навраќам на нашите први, условно кажано, поетеси кои сè уште го бараат својот статус во литературата, а тоа се ќерката на готвачот во кујната на владиката Калиник Арса Стрезова од која се испеани голем број песни за коишто може да се утврди дека во нив има авторски интервенции (бидејќи со компаративен пристап нив не можеме да ги најдеме во други литератури), потоа Дафина од Просеник на која особено внимание ѝ посветил Стефан Верковиќ, да ги имаме предвид Миладиновките и секако Дунава Тортеска, бабата која му пеела песни на Васил Икономов. Всушност од овие девојки, мајки, жени, баби го имаме оној поетски стимул што отпосле го издигнал македонскиот јазик на рамниште на литературен“, истакна професорот Пандев кој ги истражувал првите раскажувачки и пејачки, кои се и поетеси и авторки, а се непознати, како што е малку познато дека најголемите записи кои ги направиле и Шапкарев и Цепенков се всушност од жени. Тој воедно посочи и дека треба да се имаат предвид и оние жени кои го спасиле македонскиот јазик во последната етапа на црковно-народната борба спроти македонската револуција. „Тоа се оние песни кои ќе ги запише Васил Икономов и јасно ќе каже дека се од Западна Македонија. Овие песни можеме да кажеме дека се вечни и дека во нив го имаме македонскиот јазик во сета онаа убавина што е зачувана до ден денес, и во поетиката и во нарацијата. Бидејќи токму кај песните на Дафина од Просеник ја имаме појавата на слободниот стих што на времето на сите фолклористи им пречела, а во записите на Кузман Шапкарев имаме еден наддијалектен јазик, иако сите му префрлале дека лошо ги бележи дијалектите. Всушност тој бележел една повисока форма од која што израснува македонскиот литературен јазик“, додаде Пандев.

Како што посочи, пак, професорката Весна Мојсова-Чепишевска со овој настан намерата е да се проговори за некои моменти во т.н. македонско женско писмо. „Со Милица Радевска и Димитар Пандев сакавме да направиме мал пресек и да зборуваме за првите поетски стимули во 19 век, па потоа тука е и моето обраќање за првите три дами на модерната македонска поезија (Даница Ручигај, Евгенија Шуплиновска и Радмила Трифуновска) и тоа ќе се надоврзе на новите моменти во тоа женско писмо или писмото на авторките, поетесите во 21 век“, рече Мојсова-Чепишевска, посочувајќи дека оваа активност е нешто што како ДПМ сакаат подолго време да го работат. „Нашата цел е да направиме и антологии, прво прегледни, а потоа и тематски, така што ова е првата фаза во која најпрво ќе се собереме, ќе продискутираме и ќе си ги отвориме душите, затоа што мислам дека поголемиот број од македонските авторки во втората половина на 20 век немаат вистинско место во македонскиот книжевен канон. И тука е најголемата провокација зошто се решивме да ги отвориме овие средби“, додаде професорката. (Н.И.Т.)