Сезоната во Формула 1 е при крај, остануваат уште само шест трки, а Макс Верстапен ќе може да ја одбрани титулата светски шампион уште на следната трка, за Големата награда на Сингапур, која е закажана за 2 октомври.

Ред Бул и Верстапен имаа уште една феноменална сезона. Холанѓанецот доминира на патеката, а за убедливата предност им помогна и тимот на Ферари, кој имаше несфатливи грешки и голем број откажувања во текот на целата сезона.

Како наближува крајот, така почнаа да се редат шпекулациите, а една од главните теми во Формула 1 се Верстапен и Ферари.

Италијанските медиуми пишуваат дека Макс Верстапен би можел да седне во болидот на Ферари, што секако би бил еден од најголемите трансфери во историјата на Формула 1. По овие шпекулации, новинарите го прашаа Верстапен за неговата иднина во италијанскиот тим, а холандскиот возач даде дипломатски одговор.

  • Имам добри односи со Ферари и кој знае што ќе се случи. Во моментов сум таму каде што сум, истакна Верстапен.

Инаку, оваа приказна има и своја заднина. Имено, таткото на Макс, Још Верстапен, неодамна се распрашувал за иднината на Ферари и какви се нивните планови за наредната сезона.

Шарл Леклер и Карлос Саинц се актуелниот тандем на Ферари, оваа сезона имаа одлични трки, а главните проблеми ги имаа кај механичарите. Неколку трки не ги завршија поради проблеми со моторот, додека други со лошите прогнози за менување гуми во боксот.

Исто така за следната сезона се планирани рекордни 24 трки, а новата сезона треба да започне на 5 март со трката за Големата награда на Бахреин.