Македонското пинџурче летово “посолено“

Цените на овошјето и зеленчукот на зелените пазари растат. За некои од земјоделците причината за пораст на цените е намаленото производство, зголемениот извоз и побарувачка. За други, пак, се работи за минимален пораст на цените на овошјето и зеленчукот кој е моментален и кој не се знае дали ќе продолжи

117

Растат цените на овошјето и зеленчукот. Доколку продолжи овој тренд годинава подготовката на зимница скапо ќе нè чини. За некои од земјоделците причината за пораст на цените е намаленото производство, зголемениот извоз и побарувачка. Додека, пак, за други се работи за минимален пораст на цените на овошјето и зеленчукот кој е моментален и кој не се знае дали ќе продолжи.
Доматите во зависност од квалитетот се откупуваат од 25 до 40 денари, зелката од 5 до 8 денари, краставиците од 20 до 40 денари, зелената пиперка од сортата „куртовска капија“ е 30 денари, додека црвената се откупува за 60, а бостанот се откупува од 10 до 14 денари за килограм.
Овие цени на пазарите на мало се значително повисоки, па така квалитетните домати се продаваат по 50 денари за килограм, краставиците по 40 денари, а цената на пиперките во зависност од големината и сортата се продаваат од 40 до 50 денари за килограм.
Земјоделските производители сметаат дека и покрај тоа што производството на земјоделски производи е намалено цените не се многу повисоки во однос на ланските.
-Цените не се многу покачени во однос на лани. Некои земјоделски култури родија исто колку и лани, но некои потфрлија. Тоа предизвика зголемување на цените на овие култури. На пазарот важат законите на понудата и побарувачката. Така, доколку има побарувачка и цените растат и обратно. Што се однесува до цените на квалитетните производи тие секогаш се повисоки во однос на оние со послаб квалитет, вели Ацо Максимов, земјоделец од Скопско.
Според него, една од причините поради кои е намалено целокупното земјоделско производство е недостигот на работна рака. Поради тоа, како што вели, не може навреме да се извршуваат земјоделските активности, прскање, сеење, жнеење, што влијае на намалување на приносите и на родот.
Што се однесува до овошјето и таму поради зголемениот извоз се чувствува благ пораст на цените. Претседателот на Здружението на овоштари, Менде Ивановски вели дека порастот на цените на овошјето се должи на зголемената побарувачка и извоз.
– Праските добро одат на домашните пазари, а има и поголем извоз. Се надеваме дека и за сливите ќе имаме поголема побарувачка и извоз, бидејќи нема доволно род во соседството. Поради тоа, очекуваме годинава и сливите да имаат повисока цена од лани, вели Ивановски.
Според податоци од земјоделски здруженија и синдикати, земјоделското производство, посебно градинарското, од година во година се намалува. Таквиот тренд е забележан кај производството на домати, но и кај други култури. Во споредба со други години површините засеани со раноградинарски култури се намалени и за повеќе од 30 отсто. (А.С.)