Македонско-австралиското „3-Блок студио“ со анимиран филм за глобалниот карантин

39

Македонско-австралиското 3-Block Studio изработи краток анимиран филм за глобалниот карантин поради пандемијата Quarantine. Огромен број од светската
популација изминативе недели поради коронавирусот радикално го промени
секојдневниот живот, а секоја индивидуа на свој начин се соочи со изолацијата.

Зад филмот стои петчлена екипа. Приказната е на Јакоб Ниланд, Михаил Наумов, Љубомир Саздовски и Иван Андреевски, кој, исто така, е режисер и потписник на сценариото. Арт-дирекцијата и дизајнот се на Наумов и Саздовски, кој е одговорен и за моделирањето и осветлувањето.

Монтажата и анимацијата се на Наумов, а Андреевски стои зад саунддизајнот.  Mузиката е на Владимир Петковиќ.

– Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги измести студиските ангажмани, но, за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната, вели Михаил Наумов.

Од студио велат дека од креативна страна се обиделе да доловат како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна се обиделе да претстават традиционална техника на анимирање, како Stop Motion (која се работи практично, со физички кукли и фотоапарти), преку дигиталните алатки и 3Д-анимацијата.

– Беа користени доста стандардни софтвери за ваков вид работа. Главно Autodesk Maya и Adobe After Effects, како и неколку дополнителни софтвери, истакнуваат од студиото.

„3-Блок студио“ работи за aвстралискиот и балканскиот пазар и е најактивна во полето на 3Д и 2Д-анимацијата, изработка на визуелни ефекти, како и осмислување и создавање анимирани ликови – карактеранимација.МИА