Македонските газди ќе ти ја земат и паузата, а камоли да ти го скратат работното време

Скратената работна недела во светот се покажа како одлично решение во однос на поголема мотивираност на работниците, зголемување на нивната продуктивност и помал синдром на „прегорување“ и „лудило“ на работа.  Меѓутоа за нашите газди тоа е далеку од реалност, тие неодамна побараа негово продолжување за половина час

156

Македонските компании тешко го фаќаат трендот со светските кои веќе ја скратија работната недела на четири работни дена. И покрај тоа што нашите стопанственици често „кукаат“ дека не можат да најдат работници и оти добрите работници им заминаа во странство, а не размислуваат дека треба да бидат пофлексибилни во однос на работната недела и работното време. Скратената работна недела во светот се покажа како одлично решение во однос на поголема мотивираност на работниците, зголемување на нивната продуктивност и помал синдром на „прегорување“ и „лудило“ на работа.

Меѓутоа, нашите газди во текстилните фабрики не само што нема да го скратат работното време туку неодамна побараа негово продолжување за половина час. Тие образложуваат дека сегашното работно време од осум часа, односно од ефективни 7 и пол часа, затоа што работниците имале и платена пауза, ги правеле фабриките неконкуретни во однос на тие од регионот. Тие побараа да се укинат празници за да нема дисконтинуитет во производството, односно работниците повеќе да работат.

Претседателот на Организација на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, смета дека во новиот Закон за работни односи, кој е во подготовка, треба да се предвидат можностите за пофлексибилно работно време.

– Скратена работна недела во традиционални дејности со ниска додадена вредност е тешко остварливо. Затоа треба да се остави можност во зависност од гранката со Грански колективен договор да се предвиди и скратена работна недела, вели Димитров, и додава дека покрај скратено работно време треба да се дозволи и флексибилност околу паузата која може да биде поголема и од еден час.

Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија вели дека кај нас и во Законот за работни односи постои можност работниците да работат со скратено работно време.

-Основите за скратено работно време се различни и се поврзани со различните потреби и работните задачи на работниците. Скратеното работно време сега е тренд во светот. Па така и кај нас се повеќе компании применуваат одредени стандарди и практики во работењето. Има компании го применуваат „Mamforce“, методот кој подразбира корпоративна одговорност кон мајчинството и семејството, вели Бошков.

МН Витаминка“ воведе дополнителни три месеци скратено работно време

Некои македонски компании веќе воведоа скратено работно време од четири часа за родилките кои се враќаат од породилно. Една од овие компании е „Витаминка“, која воведе дополнителни три месеци скратено работно време за родителите што се враќаат од породилно. Имено вработените во оваа компанија кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, во следните три месеци по завршување на редовните 9 месеци, ќе може да работат со скратено работно време половина од полното работно време, а притоа ќе им се исплаќа целосен личен доход и ќе ги уживаат сите други привилегии како да работеле со полно работно време.

Ваквата практика, како што истакнаа од менаџментот на компанијата, е резултат на трајната заложба за континуирано подобрување на условите за работа на своите вработени, нивната благосостојба и постигнувањето добар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. За вработените родители ќе овозможи период за приспособување на работните задачи, но пред сè усогласување на деловните и обврските како родител.

Овој пример на четиричасовна работна недела за новите мајки почнаа да го следат и други компании, а меѓу последните беше и компанијата ДУНА.

Скратеното работно време, информираат од компанијата, ќе го користат сите нови мајки по 12 месеци, иако ќе добиваат цел месечен надомест и ќе ги уживаат сите привилегии како да работат со полно работно време.

Менаџерскиот тим на ДУНА вели дека ваквата промена ќе вроди со плод и ќе биде полн погодок и за вработените и за компанијата. Оваа одлука се базира на светските истражувања и трендови и е потврда дека продуктивноста кај лицата кои работат со пократок број работни часови или помалку денови во неделата е многу зголемена.

МН Во регионот Македонците работат најдолго, пред Словенците

Просечната работна недела во ЕУ трае 40,2 часа. Според најновите податоци од Еуростат, мажите во Европа работат во просек по 41 час неделно, додека жените работат 39,3 часа неделно.

Луѓето вработени во рударскиот сектор работат најдолго – во просек по 42 часа, а најкратка е работната недела во образование – 38,1 часа.

Во ЕУ најдолга работна недела има во Обединетото Кралство – 42,1 часа. Потоа следуваат: Швајцарија (41,8), Кипар (41,6), Австрија (41,3), Грција и Португалија (41 час). Најкратка работна недела имаат Данците – работат 37,8 часа неделно.

Кога ќе се земат предвид и земјите кои не се членки на ЕУ, резултатите од истражувањето ја „креваат“ Северна Македонија, на високото трето место во однос на должината на работната недела. Македонците во просек работат по 42,3 часа неделно, на второ место е Исланд (44), а на прво е Турција со 49,1 работни часа неделно. Во регионот, зад Македонците се Словенците (40,9) и Хрватите (40,4).    (А.С.)