Македонскиот „Налепница“ во селекција на „Санденс“

351

Македонскиот краткометражен игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги Унковски, а во продукција на „Cinema Futura“, влезе во селекцијата „Интернационални кратки филмови“ на престижниот фестивал за независен филм „Санденс“ кој од 23 јануари до 2 февруари ќе се одржи во Јута, САД. Филмот ќе има проекции на 24, 28 и 30 јануари во Парк Сити (Јута) и уште една проекција во Солт Лејк Сити на 25 јануари. Остварувањето на Унковски е во редот на 74 кратки филмови кои влегоа во официјалната селекција од вкупно 10397 пријавени филмови, меѓу кои 4992 биле од САД, а 5405 биле од други земји.

„Налепница“ („Sticker“) е црна комедија, во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми. Главната улога во филмот ја толкува Сашко Коцев, а покрај него настапуваат и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Розa Трајческа, додека за маската и шминката беа одговорни Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски. Филмот се снимаше 6 дена на повеќе локации низ Скопје, а премиерно беше прикажан во киното „Фросина“, во септември оваа година.

Инаку, за директорот на фотографија, Наум Доксевски, ова е втора номинација на Санденс. Тој како директорот на фотографија е потпишан и на краткиот „Види ја ти неа“ на Горан Столески кој на 34. Филмски фестивал Санденс ја освои наградата за најдобар интернационален игран филм во категоријата краток филм во која се натпреваруваа 17 наслови од целиот свет.

Георги М. Унковски е роден 1988 година, во Њујорк. Студирал фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на FAMU во Прага, Република Чешка.