За ситуацијата со коронавирусот во Австралија тој за весникот ВЕЧЕР вели дека таму ситуацијата е сè подраматична: Кај нас дојде есен, па се плашиме короната сега да не почне наеднаш да се размножува!

Македонскиот пејач Николче Симоновски Јошка, кој е по потекло од Битола, поодамна е на македонската фолк естрада. Но и тој како и многу други наши пејачи својата среќа, својата егзистенција ја побара во далечната Австралија. Замина пред некоја година на неколку турнеи, но таму и остана. А, таму за кусо време ги освои нашите иселеници, не само со своите хит песни, со својата специфична интерпретација, туку и со својата харизма.

Стана многу омилен и баран на голем број забави и свирки и тоа не само кај иселените Македонци, туку честопати и кај иселените Срби. Во српската дијаспора Јошка веднаш го доби прекарот “македонски Аца Лукас“, прекар кој беше со задоволство прифатен и од Македонците во Австралија.
За да го задоволи вкусот на публиката, Јошка токму затоа се нафати да сними и неколку кавери, песни кои ги пее Аца Лукас. Не е тајна дека српскиот пејач му е омилен на Јошка.

Тој сними и атрактивен видеоспот на неколку локации околу австралискиот град Перт. Во спотот е дури и облечен скоро како што се облекува и Лукас. И сè си е на свое место, со што Јошка пак ја раздрма публиката на далечниот континент. Инаку, видеото во Австралија го сними екипата од Охрид од Ин-продукција.

=

За ситуацијата со коронавирусот во Австралија тој за весникот ВЕЧЕР вели дека таму ситуацијата е сè подраматична. За пејачите нема работа, нема настапи, нема свирки, а од нешто мора да се живее. – Најжално е што поради вирусот не доаѓаат македонските пејачи, авионите не летаат и скоро сè е во мирување, иако уште поради топлото време одиме на плажа. Но овде дојде календарска есен, па се плашиме короната да не почне наеднаш да се размножува, затоа се сите овие строги мерки, раскажува пејачот кој не ја губи надежта дека сè ќе се оправи.
Популарниот пејач неодамна беше дел и од “Изборот на најуспешни лица“ кој се одржа во Перт. Јошка доби признание за придонес и ширење на македонската култура и традиција во Австралија. Беше специјален гостин на вечерта, па ги почести присутните гости со одлична изведба на познатите македонски хитови кои му се пред сè главен материјал на неговите настапи.

Своите македонски корени тој со љубов ги чува, а снимените кавери од Аца Лукас се чиста комерцијала, најмногу наменета за неговите фанови во српската дијаспора….    Дуле Миќиќ