Факт е дека не е лесно да се биде фудбалски судија, особено што на секоја одлука никако не може да им се угоди на двете страни на кои им се дели правда, па нивната работа постојано е под лупа не само на фудбалерите и стручните штабови туку и на јавноста по очигледни превиди и грешки. Судиите најчесто се најомразени кај губитникот, иако сега добија помош со ВАР-технологијата.

И за секој судија работата е иста, без разлика дали трча по големите светски ѕвезди или се мачи по калливите ораници како што е на македонските фудбалски терени. Разликата е само во тоа кој колку е платен.

Нормално, на нашиот арбитер потребна му е цела година да суди мечеви од Првата лига за да успее да дојде до заработка на судија од Англија, кој за 90 минути ќе заработи исто колку што и Македонецот за цела сезона.

Покрај Александар Ставрев, кој веќе има „дебело“ интернационално искуство со судење во европските натпреварувања, многу брзо и Игор Стојчевски би требало да тргне по истите чекори. Токму поради тоа, дневниот весник „Вечер“ направи ексклузивно интервју со еден од најдобрите македонски арбитри, во кое тој откри неколку интересни работи кога е во прашање судиската професија.

Покрај Александар Ставрев, кој веќе има „дебело“ интернационално искуство со судење во европските натпреварувања, многу брзо и Игор Стојчевски би требало да тргне по истите стапки

Може ли да дадете Ваша оценка на судењето во македонската лига и каков е односот на клубовите и фудбалерите кон арбитрите?

Моментално во Првата лига можам да кажам дека се работи на едно високо квалитетно ниво. Тоа значи дека семинарите кои се пренесени од страна на УЕФА, ги спроведуваме на самиот терен. Како се работи во Европа, така се работи и тука во нашата најквалитетна лига. Што се однесува до односот од клубовите кон судиите, каде што во последните години се работи на повисоко ниво, е коректно. Може да се каже дека ја имаме посакуваната дисциплина за време на натпреварите. Нема притисок од страна на тимовите и нема нивно омаловажување кон нас. Имено, и самите клубови ги посетуваат семинарите кои ги прави УЕФА, па затоа ги знаат пропозициите кои ги налага фудбалската игра.

Сте биле ли во ситуација некој играч или член од стручниот штаб да ви се закани?

Имало, но секогаш било во жар на играта. Знаете како? Притисокот за победа е голем, растат импресиите, фудбалерите сакаат да го дадат својот максимум, па затоа знаеме да толерираме некои работи кои се во граница на нормалата. Тоа е сè во доменот на фудбалската игра.

Дали сметате дека судењето во одредена мера зависи од квалитетот на лигата?

Може да се каже дека е така. Квалитетот на лигата, пред сè, се заснова на инфраструктурата на терените. Колку имаме подобри терени – толку ќе имаме и подобар фудбал. Така и самите фудбалери ќе се развиваат побрзо, а тоа само по себе ќе донесе поголем квалитет во лигата. Секогаш судиската организација е на прво место во фудбалската федерација. Ние мора секогаш да бидеме во најдобра физичка подготвеност.

Какво е вашето мислење кога е во прашање ВАР-технологијата?

Оваа технологија се уште не е популарна кај јавноста, бидејќи има многу прекини на играта, многу подолго трае натпреварот. Но, бев на УЕФА семинарот што се одржа во Нион, Швајцарија, и таму говоревме за ВАР-технологијата и можам да кажам – според мене е добра работа, затоа што како што може да погреши самиот фудбалер, така може да погреши и судијата. Во дадена ситуација, можеби немам добар агол за да донесам вистинска одлука, па затоа ВАР е вистинско решение за нас судиите. За во Македонија, сметам дека ВАР системот е прилично скапа инвестиција, треба да се плати одреден систем, да се донесат дополнително судии на секој меч, но како што оди нагоре нивото на светскиот фудбал, зошто да не, еден ден да се воведе оваа технологија и кај нас.

Чувствувате ли поголем притисок ако се знае дека македонското првенство од оваа година се емитува на ТВ-екраните?

Тоа е добра работа, како за нас, така и за македонското првенство. Со самото тоа се зголемува и рејтингот, работиме на повисоко ниво. Ова е дополнително искуство за нас.

Дали имате посебна програма со која ја потврдувате својата физичка подготвеност за судење во ПМФЛ?

УЕФА испраќа кај нашиот кондиционен тренер програма и секој ден имаме  програма за тренинг. Има состаноци на кои присуствуваат сите судии од Првата лига и се договараме околу програмата која ја налага УЕФА. Истата потоа ја спроведеме на теренот.

Во која лига има најдобро, најобјективно судење?

Па сигурно најдобар приказ за тоа се најдобрите пет лиги, во Шпанија, Италија, Германија, Англија и Франција. Во сите лиги има ВАР технологија. Според мене најдобрите судии се во Италија. Оваа лига до пред неколку години го имаше најдобриот – Пјер Луиџи Колина. Исто така и Шпанија може да се пофали со своите арбитри, како и Англија иако можеме да кажеме дека тука судиите се покрупни, но затоа доследно си ја вршат работата. Во сите лиги, како и кај нас, судиите сами си ја сносат одговорноста за одлуките на теренот.

 

Дали лесно се фаќате за џебот или дозволувате погруба игра на теренот?

Пред да станам судија играв долг период фудбал. Го разбирам темпераментот на играчите, знам дека во жарот на борбата некогаш доаѓа и до поостри стартови, па затоа дозволувам да се игра пожестоко на теренот. Секогаш сум за тоа да има повеќе фудбал отколку постојано да се стопира играта. Најдобар пример за тоа е Бундес лигата – нема застанување до крај. Сакам машка игра, па затоа дозволувам да се игра погрубо. Но, исто така не дозволувам да има премногу остри стартови.

Сте слушнале ли за подмитување и корупција на судиите во Македонија?

Имало секакви муабети, но никогаш немало релевантни докази за тоа. Затоа можам да кажам дека сето тоа се само шпекулации, бидејќи не можам да кажам дека со сигурност имало или немало.

Дали во иднина дамите се почесто ќе ги гледаме во главна улога ако се има в предвид дека годинава Европскиот суперкуп го судеше жена?

Како што доаѓа новата технологија така и девојките добиваат на популарност како главни судии. И тие посетуваат разни курсови со кои стекнуваат квалитет, па зошто да не би суделе и некои позначајни мечеви во Лигата на шампиони. (М.С – К.Т)

ФОТО: Н. Батев – П. Стојановски