Локалитетот „Кале“ кај Стари Град во Велес во старата ера бил воена тврдина 

208

Археолошките истражувања на локалитетот Кале кај село Стари Град на екипа од локалната установа Народен музеј од Велес, што беа спровдени од средината на септември до средината на октомври и ја потврдија констатацијата дека археолошкиот локалитет Кале – Стари Град поради својата геостратешка положба егзистирал низ долг хронолошки период од енеолитот па сè до средновековниот период.

– Неговите истражување, во голема мера, ја отсликува состојбата на античката населба која условно кажано претставувала дел од мрежата на тврдини, односно воени упоришта поставени на стратешки места на просторот на средното Повардарие во периодот на последните три века од старата ера, кои покрај својот воен карактер постепено прераснуваат во населби кои егзистирале сè до крајот на антиката – информира археологот д-р Анита Василкова-Мидоска, кустос советник, раководител на истражувањата. 

Локалитетот е лоциран на најнискиот северен огранок на планинскиот масив Соколчица, кој е само продолжение на планината Руен, на десната страна на реката Бабуна во непосредна близина на новоформираната населба Стари Град.

Таа појаснува дека главниот фокус на годинашните археолошки истражувањата на овој локалитет претставувале продолжување на археолошкото истражување на локалитетот, започнато уште во 2018 и 2020 година и се одвивале на два сектора. Сектор 4 кој е лоциран на просторот северно од акрополата-највисокиот дел од градот  и претставува еден вид на премин од акрополата кон подградието.

– Истражувањата на овој сектор започнаа уште во 2015 година, а според добиените сознанија и археолошките истражувања сугерираат дека посочениот простор бил населен подолго време. Засега, според археолошките наоди можеме да констатираме траги на интензивно живеење во периодот од 2 век п.н.е. па сè до средновековниот период, односно до 14 век н.е. – појасни Василкова-Мидоска.

Таа информира дека со претходните истражувања делумно биле откриени архитектонски остатоци (ѕидови) кои сугерираат постоење на најмалку три објекти изведени во различна техника на градење со употреба на камен и кал со неколку фази на ремоделација на објектите. Мидоска појаснува и дека движните археолошки наоди главно припаѓаат на периодот на 3-5 век од  н.е., иако има спорадични наоди и од 2-1 век п.н.е., особено во рамките на нумизматичкиот материјал.

– Оваа година беше откриен уште еден објект за домување, кој заради големите димензии беше само делумно истражен. Откриените ѕидови се градени во техника на сувоѕид со користење на кал и камен, а на одредени места има и траги од ремоделации. Овој објект кореспондира со објектите кои се откриени во претходните истражувања. Според движните археолошки наоди, тој бил во употреба во перидот од 3-5 век н.е. и имал функција на објект за домување – објасни Василкова Мидоска. 

Таа истакна и дека оваа година таа со екипата првпат направиле и сондажни истражувања на просторот на акрополата односно на највисокиот дел од населбата и притоа биле откриени два објекти.

– Нивната функција и намена засега останува енигма затоа што тие се делумно откриени и се надеваме дека во понатамошните истражувања ќе добиеме попрецизни резултати. Ѕидовите се со големи димензии, а камењата се обработени и поврзани со кал и малтер. Според нумизматичките наоди објектите припаѓаат на 4 век н.е. односно во периодот на наследниците на Константин Велики – појасни Василкова-Мидоска. 

Од наодите најмногу е застапена керамиката, односно садови кои биле во употреба во секојдневието на античкиот човек и во најголема мера се локална продукција која ги отсликува тогашните трендови на производство и креација, а се откриени и наоди од метал.