Лигата на шампиони не е приоритет за Милан

103

Фудбалерите на Милан на најдобар можен начин ја започнаа новата сезона во италијанската Серија А откако со 2:0 ја добија пресметката против екипата на Болоња. Како и секогаш, најзаслужен за освоените три бода беше шведскиот интернационалец Златан Ибрахимовиќ кој ги постигна двата гола на „Сан Сиро“.

Пред почетокот на натпреварот техничкиот директор на Милан, Паоло Малдини, откри дека „росонерите“ моментално не се заинтересирани за услугите на дефанзивците на Фиорентина и на Селтик, Никола Миленковиќ и Крис Ајер.

  • Ќе кажам не… Тие двајца можат да бидат на нашиот список, но да бидам максимално искрен, тоа не се имињата на кои моментално работиме, изјави Малдини за „Скај Италија“.

За време на летниот преоден рок Милан ги осигура услугите на Брахим Дијаз и на Сандро Тонали.

  • Имавме неколку приоритети и мислам дека ја исполнивме зацртаната цел. Имавме идеа на кој начин да го изградиме тимот, заедно со клупските челници. Се обидовме да ги ангажираме најдобрите играчи кои се достапни, но водиме сметка и за финансиите. Останавме доследни на начинот на кој функциониравме и изминатата сезона. Имаме уште два натпревара во квалификациите од Лига Европа и ако обезбедиме пласман во групната фаза тогаш ќе имаме збиен распоред. Приоритет е нов десен бек, затоа што на таа позиција имаме повреден фудбалер. Со купувањето на Тонали, нашиот среден ред е веќе комплетиран, додаде Малдини.

На крајот од интервјуто, легендарниот капитен на Милан ги откри идните проекти на седумкратниот европски клупски шампион.

  • Секоја година, за време на подготовките, медиумите пишуваа дека Милан ќе игра во Лигата на шампиони, а ние седум години не сме дел од елитното друштво. Оваа година имаме поинаков проект, нормално со ангажманот на Стефано Пиоли. Наша цел не е пласман во Лигата на шампиони, туку сакаме да напредуваме што е можно повеќе. За нас нема никакво ограничување, но сакаме да го надградиме тоа што го постигнавме на последните неколку натпревари од изминатата сезона. Јас чувствувам голема одговорност поради моето минато, поради сите врски на мојата фамилија со овој клуб. Добро знам дека најверните фанови ме доживуваат како гаранција, изјави Малдини.