Менаџерот на англискиот премиерлигаш Ливерпул, Јурген Клоп, сака во следните десет дена точно да знае кои фудбалери ќе ги има на располагање на почетокот од новата клупска сезона. Поради таквиот став на германскиот стручњак, раководните лица на „црвените“ се обидуваат на секаков можен начин да продадат што е можно повеќе играчи кои или ја грееа резервната клупа или пак има скромна минутажа во изминатата сезона.
Само на таков начин, челниците на Ливерпул ќе бидат во можнот да ги исполнат сите желби на Клоп кога се во прашање можните засилувања.
Премиерлигашот од „Енфилд“ веќе заработи околу 30 мил. евра од продажбата на Хари Вилсон, Марко Грујиќ и Таиво Авонио, а останатите пари кои се потребни за да се исполнат желбите на Клоп треба да бидат обезбедени од продажбата на уште шест фудбалери.
„Дејли Мирор“ пишува дека Ливерпул бара купец за белгискиот интернационалец Дивок Ориги, кој е проценет на околу 20 мил. евра, како и за репрезентативецот на Швајцарија, Џердан Шакири, кој најверојатно ќе биде продаден на римскиот калчолигаш Лацио за 15 мил. евра.
Излезната врата од клупската соблекувална ќе му биде покажана и на резервниот голман, Лорис Кариус, кој е четврта опција за Клоп, потоа на младиот дефанзивец Натаниел Филипс, кој е проценет на 15 мил. евра, а Бен Дејвис и Шеи Ојо најверојатно ќе бидат позјамени во англиската Чемпионшип.
Истиот извор тврди дека трофејниот германски стручњак најмногу е заинтересиран за услугите на репрезентативецот на Италија од редовите на Сасуоло – Мануел Локатели, потоа за тие на искусниот играч за врска од редовите на Атлетико (М) – Саул Нигез и за Флоријан Нојхаус од Борусија Менхенгладбах.