Курти: Новата косовска Влада е нелегитимна и во служба на Србија

39

Лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти, по денешната одлука на новата Влада за укинување на реципроцитетот кон Србија, оцени дека Владата на Авдулах Хоти „е нелегитимна и ѝ слугува на Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти, кој пред три дена беше сменет од премиерската функција, напиша на Фејсбук дека, со денешната одлука, Косово ја презеде врз себе вината за доцнењето во продолжувањето на дијалогот.

– И во сабота работат и одржуваат седница само за да го укинат реципроцитетот кон Србија. Косово има безброј социјални и економски проблеми, но тие не може да имаат приоритет во споредба со барањата на Србија, напиша Курти.

Владата на Хоти денеска одлучи да ги укине мерките на реципроцитет во трговската размена со Србија, кои од 1 април годинава ги воведе владата на Курти, укинувајќи ја со тоа таксата од 100 отсто на српскиот увоз, која во ноември 2018 година ја воведе тогашниот премиер Рамуш Харадинај.

Хоти по денешната одлука изјави дека очекува соодветна реакција и од Белград, со што би се отворил патот за продолжување на дијалогот меѓу двете држави, кој беше прекинат пред една и пол година.