Маја Анчевска

И оваа година како и претходната „Тумба фест“ го заживеа градот Куманово со неговиот препознатлив шегобиски карактер и кумановски дијалект. Фестивалот блесна од развеселената публика, а епидемиолошките протоколи беа запазени на највисоко можно ниво. Истиот се одржа на отворено пред платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово.

Награда за животно дело му беше врачена на Јованче Тарабунов или како што сите го знаат Ванчo, по повод идејата за фестивалот и кум на истиот. Инаку тој е еден од најпрочуените радио музички новинари во Македонската радио телевизија. Бидејќи изобилува со извонреден глас познат е и по многубројните македонски патриотски песни.

Доделба на награда за животно дело на Ванчо Тарабунов од страна на директорот Игор Трајковски

Наградата за најслушана песна  ја доби  „Челик бенд“ за песната „Кумановке фраерке“ со која настапија минатата година, а бидејќи слушателите се воодушевени од неа, тие се украсија со ваква награда. Музиката е дело на Горан Михајловски, текстот е на Горан Михајловски, а аранжманот е на Игор  Трајковски – студио Тример.

–  Наградата не е толку важна колку тоа што луѓето се воодушевени од песната. Тоа е она што го храни нашето срце со задоволство, но и да вложуваме уште повеќе во секоја наредна песна. Кога нашата публика е среќна и ние сме среќни. Се надеваме дека и песната „Турнеја“ што ја испеавме на сегашниот „Тумба фест“ ќе им се допадне како и претходната, велат членовите на „Челик бенд“, за ВЕЧЕР.

„Челик бенд“ прогласени за бенд со најслушана песна

Дел од 22 учесника за весникот ВЕЧЕР ни открија  и по некој детаљ за еден од нивниот омилен фестивал „Тумба фест“.

Круме Спасовски кој на „Тумба фест“ учествуваше од неговото прво формирање, зад себе остави многу песни кои до ден-денес се слушаат како што се: „Ја у село не се враќам“, „Азган сфаќа“ и „Ој Веро Верице“ за која има освоено прва награда од публиката. Тој на овогодишното издание настапи со песната „Баксуз ли сам голем“.

Круме Спасовски

– Многу ми е мило што фестивалот се обнови. Се чувствувам добредојден и го чувствувам како свој заради тоа што многу ми е познат кумановскиот дијалект, бидејќи јас потекнувам од Горно Коњаре, Скопско, ама сопругата ми е кумановка. Со оглед на тоа, кумановскиот до корен знам да го интерпретирам. Во овој град се подготвуваат навистина прекрасни јадење од кои омилено ми е мезал’к, изјави познатиот пејач Круме.

Неговото прво стапнување  на фестивалската сцена беше токму  на „Тумба фест“ во 1998 година со песната „Комшика“. Тој сега настапи со песната „Литро вино, литро вода“ со „Скопски боеми“ и специјален гостин Ферус Мустафов.

– Ова ми е 5-ти настап на „Тумба фест“. Тој е единствен фестивал од специфичен карактер, бидејќи се работи за шегобијни песни, а живееме во едно турбулентно, тешко време во секој поглед и како никогаш досега сите ние имаме потреба од хумор, за да за миг избегаме од суровата реалност, а токму ова место ни овозможува да се опуштиме, забавуваме и да уживаме. Па, поради тоа можам да кажам дека ми е еден од омилените фестивали, вели Влатко Алексовски.

Влатко Алексовски, „Скопски боеми“ и Ферус Мустафов

На Марјан Коцев ова му е втор настап на кумановскиот фестивал, а еве што ни откри тој.

– Лани настапив прв пат на овој фестивал и тогаш кога директорот Игор Трајковски ми го пушти текстот на песната на почеток малку не ми беше цел јасен, ми требаше време да разберам некои зборови, но со негова помош успеав да го совладам кумановскиот дијалект. Но, оваа година беше многу полесно за пеење. А, секако, Куманово е град број еден по култура и чест ми е да настапувам тука. Исто така, многу сум задоволен од кумановската публика и лани ја имав песната „Европска публика“, а оваа година „Љута жута“, која се надевам дека ќе помине добро како и претходната.

Марјан Коцев

Фото: (М.А.)