Куман брка уште пет фудбалери

129

Летниот преоден рок завршува на 5. октомври, а каталонскиот гигант Барселона сака да стави крај на соработката со уште пет фудбалери. Новиот шеф на стручниот штаб, Роналд Куман, веќе му ја покажа излезната врата од „Ноу Камп“ на хрватскиот интернационалец Иван Ракитиќ, кој за само 1.5 мил. евра беше продаден на Севилја, но и на репрезентативецот на Чиле, Артуро Видал, кој во следните две сезони ќе го носи дресот на италијанскиот калчолигаш Интер.

По нивната патека треба да тргне и португалскиот интернационалец Нелсон Семедо, кој за 30 мил. евра треба да биде продаден на англискиот премиерлигаш Вулверхемптон.

И понатаму, најголем проблем на Барса е уругвајскиот бомбардер Луис Суарез. Само што седна во тренерското столче, Куман го информираше 33-годишниот напаѓач дека нема да смета на неговите услуги. Суарез беше многу блиску до трансфер во редовите на италијанскиот калчо гигант Јувентус, но проблем беше неговото државјанство. Уругваецот експресно ги одби понудите од Рома и Интер од Мајами, а според последните информации кои пристигнуваат од Шпанија, најблиску до неговиот потпис е големиот ривал од Примера дивизион, тимот на Атлетико (М).

Излезната врата сигурно ќе му биде покажана и на Тодибо, Умтити, Рафиња и Матеус. Тодибо имаше добра сезона во дресот на германскиот бундеслигаш Шалке, а интерес за неговите услуги покажуваат челниците на Бенфика и Вулверхемптон.

Каталонскиот весник „Спорт“ тврди дека Барселона на неколку клубови им ги има понудено услугите на Самуел Умтити, но ниту еден клуб не сака да седне на преговарачката маса. Рафиња сака да се врати во редовите на Селта од Виго, каде изминатата сезона ја одработи како позајмен играч, но Барса очекува понуда не помала од 15 мил. евра.

За Матеус нема ниту еден заинтересиран клуб и голема е веројатноста дека бразилскиот интернационалец ќе биде позајмен до крајот на летниот преоден рок.