Рускиот тенисер Данил Медведев, се пласираше во четвртфиналето на олимпискиот турнир во Токио, откако славеше над 31. играч во светот Италијанецот Фабио Фоњини, во три сета со 6:2, 3:6, 6:2.

Но, условите за игра на турнирот беа ужасни поради големите горештини во јапонската престолнина. Затоа Русинот,  за време на натпреварот го изрази своето незадоволство. Мечот почна во 11 часот по локално време, поточно во најголемата жештина кога на теренот температурате беше над 30 степени.

Медеведев многу се мачеше, па затоа во еден момент судијата го праша дали е се во ред.

-Можам да го завршам мечот, но ако умрам кој ќе ја преземе одговорноста, одговори  Медведев

Вториот рекет во светот славеше над Италијанецот за два часа и 26 минути игра. Тој четири пати му го одзема сервисот на Фоњини и во четвртфиналето ќе се сретне со Шпанецот Пабло Карењо Буста.

На женскиот дел од турнирот шпанската тенисерка Паула Бадоса не го доигра четвртфиналниот меч против Маркета Вондрушова. Таа се откажа откако првиот сет го  загуби со 6:3. На Шпанката и се слоши поради жештината. Не можеше сама да го напушти теренот и затоа ја изнесоа во инвалидска количка.